Јас кога се упатив натаму, ми кажаа колегите, премиерот се заканил дека ќе ми удрил шамар. Еве јас ќе седам три минути на говорница, премиерот може да проба да дојде да ми удри шамар, обвини пратеникот Крмов од Левица
Абе зошто професорке цело време довикувате? Па не зборувам за фри-шопови денеска, вие сте за фри-шопови експерт, ама не зборуваме за тоа, зборуваме за пратенички прашања, ѝ кажа пратеникот од СДСМ, Јован Митрески, на колешката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова
Очигледно нема интерес за продолжување со работа, тука ја заклучувам седницата. Со овие зборови потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, ја заврши денешната собраниска седница за пратенички прашања до членовите на Владата.
По прашање на пратеникот од Левица, Борислав Крмов, за тоа дали премиерот Димитар Ковачевски планира да побегне кога ќе падне од власт, дискусијата отиде во друг правец, кога во реплика Крмов му дофрли уште едно прашање на премиерот, а доби реакција од Мисовски.
„Крмов (кон премиерот Ковачевски): Семки грицкате во моментов, сончоглед? Да не ве деконцентрирам?
Мисовски: Ај, да бидеме малку покултурни.
Крмов: Ама сега, јас грицкам или премиерот?
Мисовски: Не знам од каде ви е тоа, ви се причинува претпоставувам.
Крмов: Можеби требаше да го снимам.
Мисовски: Немате право Крмов да реагирате на тоа како премиерот и министрите седат на своите места“,
си реплицираа еден на друг Крмов и Мисовски.
По ова, од преносот на седницата се слушна дека премирот Ковачевски гласно реагира во собраниската сала, а по одговорот на пратеникот Крмов, може да се толкува дека тој побарал и извинување.
„Ние од Левица не се извинуваме, посебно не на вас. Така да, ај, станувајте и одете си, нема шанси… Морам да кажам, освен грицкање семки, премиерот и мастика џвакаше преска кога зборуваше, така да мора да го опоменете“,
продолжи Крмов.

По ова, повторно реагираше Мисовски, кој посочи дека пратеникот ја злоупотребува говорницата.
„Апсолутно Крмов ја злоупотребуваш говорницата. Срамота е тоа што го правиш. Го гледам пред мене. Јас разбирам кога некој од одговорите од страна на премиерот не ви се допаѓаат и тоа не е спорно, тоа е работа на политичка перцепција, но вакви навреди не дозволувам. Тоа што го гледате вие, го гледам и јас, во ист правец гледаме. Тоа е класична злоупотреба на говорницата. Зошто? Затоа што не ви се допаѓал одговорот“,
посочи Мисовски.
Пратеникот од СДСМ, Јован Митрески, процедурално побара Крмов да се извини пред јавноста.
„Реакцијата моја е до потпретседателот, затоа што пратеникот е должен во својот говор да го почитува достоинството на Собранието и вакви груби лаги и измислици, на очиглед на сите пратеници не се ок, и мислам дека најдобро е, пожелно е, да се извините на тоа што го кажавте. Секако, прашањата поставувајте ги меѓутоа, да се искажуваат невистини, навистина не е фер према јавноста, бидејќи пратениците гледаат што се случи“,
посочи Митрески.

Но, наместо очекуваното извинување, премиерот доби и нова обвинување од Крмов.
„Ако треба јас да бидам опоменет, треба да биде и премиерот. Јас кога се упатив натаму, ми кажаа колегите, премиерот се заканил дека ќе ми удрил шамар. Каде е вашата опомена на тоа? Еве јас ќе седам три минути на говорница, ќе седам три минути, премиерот може да проба да дојде да ми удри шамар“,
зборуваше Крмов од говорница.
„Крмов, јас сум 16 години тука, сум го видел тоа, знам како изгледа. Ако имало такво нешто јас прв би го опоменал. Мене не ме интересира кој седи од едната или другата страна. Јас сум единствениот преседавач кој на претходниот премиер му го исклучи микрофонот. Така да, апсолутно можам да препознаам кога некој лаже од говорница“,
повторно потенцира Мисовски.
Пратеникот Митрески од СДСМ побара пратениците да се фокусираат на пратенички прашања, а не, како што рече, да шират лаги и да глумат жртви.
„Очекував извинување, а не на една лага да се додаде нова лага. Шамар, жртви, не знам, готово, загинавме. Такви филмови сме гледале во сите мандати. Дајте бе луѓе да работиме по тоа што е на дневен ред. Наместо да се извините, кажувате уште една лага. Абе зошто професорке цело време довикувате? Па не зборувам за фри-шопови денеска, вие сте за фри-шопови експерт, ама не зборуваме за тоа, зборуваме за пратенички прашања. Ако има за фри-шопови јас ќе ви отстапам цел ден вие да зборувате, затоа што вие сте експерт. Е, пошто ми дофрлувате, така сакате, така ќе ви одговарам, но денес зборуваме за нешто друго. И уште еднаш ве повикувам, не покривајте една лага со друга. Извинете се, чесно е, не да кажувате нови лаги. И се извинувам уште еднаш што има лелекање од професорката, а не зборувам за фри-шопови“,
додаде Митрески по што седницата заврши.
Премиерот кажа дека не планира да бега
Пред да настане дискусијата за тоа дали премиерот грицка семки, Крмов, всушност доби одговор од премиерот на прашањето дали планира да побегне откако ќе падне од власт. Ковачевски посочи дека работи транспарентно, а на крајот на мандатот ќе даде и отчет за сработеното.
„А, после мојата политичка кариера, која ќе потрае на ваша жалост, јас планирам да бидам тука и да се вратам на универзитетот каде што и пред тоа работев. Што се однесува до иднината на партиите, одлуките кои државата ги донесе, а се однесуваат на членство во ЕУ и НАТО бараат партии кои имаат многу јасна идеологија и кои политиките ги водат врз основа на тие стратешки определби. Тие политики на стратешки определби ги дефинираат принципите на однесување на политичарите кои ги претставуваат тие партии, а таква е СДСМ. Доколку партијата ги остварува стратешките интереси на државата, тогаш таа има иднина и може со сигурност да смета на одлични изборни резултати на среден и долг рок. А, што се однесува до политичката партија која вие ја претставувате, се работи за идеологија која е умрена, која беше поразена, има направено најголемо зло на светската територија, пред сè тука мислам на Источниот блок, мислам и на голем број на режими во азиски и во афрички држави. Југославија имаше социјалистичко уредување, така што не е комплетно исто, ниту стопроцентно различно. Сметам дека тоа што вие го застапувате како политичка идеологија, таа се покажала каква е, и кога ќе видиме промашена идеологија воопшто не треба да ги чуди граѓаните вашето однесување“,
посочи премиерот.
Ковачевски прогнозираше дека ова е последно учество на Левица во парламентот, а посочи дека и без гласовите од таа партија се донесени стратешки одлуки.
Крмов му реплицираше дека преку тие стратешки определби Македонија е ставена под диктат на друга земја, како и дека растот на Левица е доказ дека тие ќе влезат во парламентот побројни.
Во продолжение повеќе вести од денешната собраниска седница.