Скопската градоначалничка Данела Арсовска очекува санацијата на дефектот во скопски Карпош, поврзан со главната водоводна цевка во Скопје, да биде завршена во текот на едно деноноќие
Најавениот прекин на вода ќе биде по 22 часот в петок (20 декември) и ќе трае сѐ до санирање на дефктот, информираат денеска од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
„Вода во Скопје ќе имаат жителите на Чаир, Бутел, Радишани, од Пластичарска до Американската амбасада, Визбегово, Бардовци, Железара, Автокоманда висока зона, Ѓорче Петров, од СП ‘Планет’, Сарај, Шутка, Топанско Поле, Новоселски пат, налеба Даме Груев, Кисела Јабука, Стопански двор, Волково и Орман“,
се вели во соопштението на ЈП „Водовод и канализација“.
Останатите корисници, главно од десната страна на реката Вардар, почнувајќи од СП Планет во Ѓорче Петров, па кај Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Автокоманда (ниска зона), па сѐ до Зелениково и Студеничани – ќе немаат вода.
За санацијата на дефектот во скопски Карпош, поврзан со главната водоводна цевка во Скопје, ќе биде запрена водата од главниот цевковод ф-1600. Покрај тоа, ќе бидат санирани уште три дефекти на затворачи по должината на главниот цевковод, и тоа на потегот од кружниот тек во Ѓорче Петров до крстосницата на булеварот „Партизански одреди“ со улицата „Никола Парапунов“. Со тоа, директно ќе се намали загубата на вода.
Затворање на водата на главниот градски цевковод се прави еднаш на педесет години, а последно било направено 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска очекува санацијата на дефектот во скопски Карпош, поврзан со главната водоводна цевка во Скопје, да биде завршена во текот на едно деноноќие.
Интервенцијата на екипи на ЈП „Водовод и канализација“ најавена за в сабота, според неа, не би требало да трае повеќе од една редовна санација на кој било дефект во градот и согласно тоа, како што вели, нема да има потреба од дотур на вода.