За повозрасните, кои се ризична група граѓани, ќе се зема брис во домашни услови
Мобилни медицински тимови од денеска ќе почнат со тестирање на скопјани во нивните домови, како што најави министерот за здравство Венко Филипче.
„За повозрасните, кои се ризична група граѓани, ќе се зема брис во домашни услови, согласно препораките“,
вели Филипче.
Од денеска треба да почне да функционира и новиот пункт за тестирање во Скопје, во поликлиниката „Млин Балкан“, откако во понеделникот беше отворен и нов пункт во поликлиниката во Чаир. Дополнителни по еден до два пункта за тестирање треба да бидат отворени и во другите градови во земјата.
Првично имаше 14 центри за дијагностицирање на коронавирусот во јавните здравствени установи низ земјава, за каде што закажувањето оди преку матичните лекари.
Сега, граѓаните на Скопје можат да се тестираат во четирите пункта во поликлиниките „Јане Сандански“, „Ченто“, „Чаир“ и „Млин Балкан“. Со ова, како што велат од Министерството за здравство, двојно е зголемен капацитетот за тестирање во Скопје.
Од минатата недела во функција се и пунктовите во Штип, Тетово, Струмица, Прилеп, Охрид, Куманово, Кочани, Битола, Велес, Кавадарци, Гевгелија и Струга.
Граѓаните одат во пункт за тестирање само во точниот термин, закажан преку нивниот матичен лекар, а не директно во пунктот.
Граѓаните кои имаат симптоми на ковид-19, но и тие без симптоми, треба да се јават кај својот матичен лекар и точно и вистинито да одговорат на епидемиолошката анкета. Согласно ова, матичниот лекар, врз база на евалуација на здравствената состојба и податоците, го спроведува тестирањето, односно укажува на тоа дали кај пациентот е потребно тестирање. Во овој процес, вклучени се близу 1.200 матични лекари кои освен за детекција се задолжени и за следење на пациентите.