Согласно одлуката што Владата ја донесе вчера, највисоките цени на овие пијалаци ќе бидат за 10 отсто пониски од цените што ги имале на 19 септември годинава во трговијата на големо. Освен за намалување на цените на овие производи, донесена е и одлука за намалување на трговските маржи кај овошјето и зеленчукот кои треба дополнително да ги спуштат цените на овие производи
Со проширување на листата на производи со ознаката „гарантирана цена“, од денеска по намалени цени во маркетите ќе се продаваат и газираните и негазираните сокови, газираната и негазирана вода и пивото.

Одлуката, која беше најавена уште минатата недела од министерот за економија Крешник Бектеши, Владата ја донесе на вчерашната седница, а на прес-конференција ја соопшти премиерот Димитар Ковачевски.
Согласно одлуката, највисоките цени на овие пијалаци ќе бидат за 10 отсто пониски од цените што ги имале на 19 септември годинава во трговијата на големо. Ковачевски не соопшти за колку проценти, согласно одлуката, би се намалила цената на пијалаците во трговијата на мало, односно во маркетите и продавниците.
„Гарантираната цена“ на сите овие производи ќе трае до 30 ноември.
„Трговците на мало се должни да ги уредат цените за овие производи и на полиците и на фрижидерите и јасно да ги обележат со натписот ‘гарантирана цена’“,
рече премиерот на вчерашната прес-конференција.
Освен за намалување на цените на безалкохолните пијалаци и пивото, иницијатива која дојде од производителите, а беше предложена од Министерството за економија, Владата донесе и одлука за намалување на трговските маржи кај овошјето и зеленчукот кои треба дополнително да ги спуштат цените на овие производи.
„Највисоката трговска маржа за овошјето и зеленчукот за сите трговски друштва и трговци кои учествуваат во трговскиот синџир во трговијата на големо се утврдуваат на вкупен износ до 10 проценти, а во трговијата на мало во вкупен износ до 15 отсто. Очекуваме цената на овошјето и зеленчукот да се намали за 30 проценти“,
рече Ковачевски.
Со ваквите марки, според премиерот, се очекува да се стабилизира инфлацијата до крајот на годината.
Минатата недела, кога Владата ја објави листата од 24 категории производи што ќе се продаваат по „гарантирана цена“ до 30 ноември годинава, министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека очекува целокупната инфлација во делот на храната да се намали за четири до пет отсто до крајот на ноември.