Тод Бланш, адвокатот кој одигра клучна улога во одбраната на Доналд Трамп во неговите кривични постапки, е потврден за нов државен обвинител на САД. Со тоа, 52-годишниот Бланш и формално го презема раководењето со американскиот Оддел за правда, откако изминатите месеци ја извршуваше функцијата вршител на должноста
Сенатот, како што јавија американските медиуми, ја потврди неговата номинација со тесни 50 гласа „за“ и 49 „против“. Републиканските сенаторки Сузан Колинс и Лиса Мурковски им се придружија на демократите и гласаа против.
Именувањето претставува кулминација на необичната професионална трансформација на Бланш – од угледен њујоршки адвокат и поранешен федерален обвинител, преку главен бранител на Трамп, до човек кој сега ќе ја предводи најмоќната институција за спроведување на законите во САД.
Луѓето од администрацијата на Трамп и законодавците блиски до претседателот со недели се обидуваа да обезбедат поддршка од републиканските сенатори кои имаат сериозни резерви за начинот на кој сега Одделот за правда функционира. Најголем отпор дојде од сенаторката Лиса Мурковски која, и покрај притисоците од одредени републикански кругови, сепак гласаше против.

Како државен обвинител, се очекува дека Бланш ќе продолжи да ги турка случаите кои администрацијата ги поврзува со наводна политичка злоупотреба на Одделот за правда против Трамп и неговите сојузници. Меѓу приоритетите ќе бидат и строгото спроведување на имиграциската политика и истрагите за измами со државни програми.
По враќањето на Трамп во Белата куќа во јануари 2025, Бланш стана една од централните фигури во трансформацијата на Одделот за правда според желбите на претседателот. Во тој период почнаа постапките против политички фигури, меѓу кои и поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми. Бланш го надгледуваше и отпуштањето искусни обвинители и долгогодишни функционери од Одделот за правда.
Претходно, Бланш со години работел како федерален обвинител, а потоа преминал во приватниот сектор. Кога во 2023 година решил да го застапува Трамп, ја напуштил партнерската позиција во престижна њујоршка адвокатска фирма. Одлуката изненадила многумина од неговите поранешни колеги. Бланш бил регистриран како демократски гласач и, според луѓе кои го познавале, претходно не бил познат по јавно истакнување на своите политички ставови. Но, ризичниот професионален потег се исплатеше. За кратко време тој стана еден од адвокатите на кои Трамп најмногу им верувал и го застапувал во три федерални обвиненија.
Сега Бланш од бранител на Трамп треба да стане бранител на законите во САД под Трамп како претседател.
