Од условот за поседување негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа, има повеќе исклучоци
Српското Министерство за здравство донесе упатство за начинот на примена на ограничувањата за влез во Србија за лица што доаѓаат од земји погодени од епидемијата на ковид-19, меѓу кои е и Северна Македонија.
Според тоа, од 20 декември до 10 јануари во Србија ќе може да се влезе само со негативен РТ-ПЦР тест издаден од референтна лабораторија на земјата од каде што доаѓаат или влегуваат лицата во Србија, но не постар од 48 часа од датумот на издавање.
Исклучок има ако поради доцнење на лет, автобус, воз, патникот не влезе во Србија во тие 48 часа, па важноста на тестот се продолжува до 72 часа пред влезот во земјата.
Исклучоци од овој услов има за странски државјани што транзитираат низ Србија и мора да ја напуштат земјата во рок од 12 часа од влезот; екипажот на авионскиот превоз чија крајна дестинација е Србија; екипажот, персоналот и патниците кои се во транзит, односно трансфер преку меѓународни аеродроми во Србија; акредитирани членови на персоналот на странски дипломатско-конзуларни претставништва и канцеларии на меѓународни организации, како и членови на нивните семејства кои се носители на специјални лични карти, односно документи за идентификација издадени од МНР и Генералниот секретаријат на Владата; деца до 12 години, ако родителот, старателот или друго лице што го придружува детето поседува негативен тест, доколку е потребно; на странски државјани на кои им е одобрен привремен или постојан престој во Србија; припадници на странски воени, полициски и други безбедносни служби кои транзитираат или доаѓаат во Србија на службени задачи со претходно известување.
Условот за влез во Србија од ова упатство не се однесува на странски државјани при вршење меѓународен превоз, за преземање или истовар на стока или за превоз на лица во или преку Република Србија; во случај на транзитен сообраќај, тој е ограничен на период не подолг од 12 часа од моментот на влегување на територијата на Србија; автобуси во редовен и меѓународен превоз на патници, како во транзит така и во случај кога крајната или поаѓачката дестинација е Република Србија; железнички возила и персонал за обука, хуманитарни конвои договорени преку дипломатски канали.
Според упатството условот за влез во Република Србија не се однесува на граѓаните на соседните земји од пограничната област кои вршат земјоделски работи и имаат земјоделско земјиште на територијата на Србија, а се должни да ја преминат државната граница за да извршат земјоделски работи на тоа земјиште и имаат доказ за сопственост на земјиштето или изјава на сопственикот на земјоделското земјиште дека лицето извршува земјоделски работи на своето земјиште, под услов на реципроцитет.
Ова упатство не се однесува и на државјаните на соседните земји кои се жители на пограничната област кои се вработени на територијата на Србија, на кои работодавачот од Република Србија им издал документ за работен ангажман, под услов на реципроцитет.
Новите мерки важат и за државјаните на Северна Македонија, иако на 30 октомври на средбата во рамки на „Мини Шенген“, српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама договорија државјаните на трите земји да се движат преку граница без ПЦР-тестови и дека можат да се лекуваат во болниците во која било земја доколку се разболат од ковид за време на престојот.
Премиерот Заев вчера, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека жали за одлуката на Белград, но рече дека е резултат на лошата состојба со коронавирусот во земјата. Тој рече дека овој договор се става во мирување и дека очекува до крајот на јануари тој да се врати во сила.