Почетокот на главната расправа се одложи бидејќи адвокатот Антонио Апостолски на обвинетиот Бојан Јанев побарал увид во предметот за да ја подготви одбраната
Дополнително, тој на рочиштето посочи дека во списите на предметот ги нема изјавите на сведоците кои дале изјави во Јавното обвинителство и предложи да им бидат доставени за да можат вкрстено да ги испрашуваат сведоците. Сите бранители се приклучија на барањето на Апостолски

Поранешниот прв вицепремиер и виоск функцинер на ДУИ, Артан Груби, и уште шест обвинети седнаа на обвинтелна клупа за злоупотреби во „Државна лотарија“, тешки 8,2 милиони евра.
Во судницата 1 на скопскиот Основен кривичен суд не беше присутен само ексдиректорот на Државна лотарија, Прпарим Бајрами, кој е во бегство. Нему ќе му се суди во отсуство, а го застапува адвокатот Еленко Миланов.
Ексвицепремиерот Артан Груби беше спроведен од домашен притвор, мерка која му беше продолжена со поднесувањето на обвинителниот предлог.
Покрај Бајрами и Груби, обвинети се поранешниот генерален секретар на владата, Методија Димовски, и поранешни членови на надзорен одбор на Државна лотарија, Скендер Мехмети, Бојан Манев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриовски и Башким Авди.

Предметот го застапуваат двајца обвинители на Основното јавно обвинителство Скопје.
Првото рочиште започна со доставување на доказите на обвинителството до сите обвинети и нивните бранители.
Како што кажа судијката Билјана Шуплиновска Јовевски, доказите поради кратките рокови не биле доставени по пошта, туку ќе им се достават на обвинетите на рочиштето.
Иако имаше процесно дејствие, почетокот на главната расправа се одложи бидејќи адвокатот на обвинетиот Бојан Јанев побарал увид во предметот за да ја подготви одбраната.
Како што напомена судијката, станува збор за обемен предмет од 231 материјален доказ и седум сведоци.
Најавувајќи ја динамиката на изведувањето, од Обвинителството рекоа дека материјалните докази планираат да ги изведат на едно рочиште, додека за вербалните сметаат дека ќе им требаат две до три.
Во судницата беа донесени доказите спакувани во осум кутии, по една за секој обвинет.
Антонио Апостолски, адвокатот на обвинетиот Бојан Јанев изјави дека во списите на предметот ги нема изјавите на сведоците кои дале изјави во Јавното обвинителство и предложи истите да им бидат доставени за да можат вкрстено да ги спрашуваат сведоците. Сите бранители се приклучија на барањето на Апостолски.
Инаку, бидејќи станува збор за обвинителен предлог, судењето се води по скратена постапка, без воведни зборови. Обвинителството ги гони осумтемина обвинети дека во текот на 2023 и 2024 заеднички презеле дејствија со кои ги пречекориле границите на своите посебни овластувања и должности и со намера на „Државна лотарија“ ѝ нанеле штета од 8,2 милиони евра.
Имено, според обвинението, обвинетите во текот на 2023 и 2024 година ги пречекориле границите на своите службени овластувања, иако знаеле дека АД „Државна лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали. Ова право уште во 2013 година било вложено како непаричен влог од 6,2 милиони евра во основањето на задничката компанија „Државна видеолотарија на Република Македонија – КАСИНОС АУСТРИА“, каде АД „Државна лотарија“ поседува 51 отсто од уделот. Груби се гони дека во својство на тогашен вицепремиер, претседавал со владината седница и за кој обвинителството наведува дека имал реално влијание во раководењето на Државна лотарија. Според ОЈО Скопје, тој предложил оваа точка да се усвои иако „бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата. Владата ја донела предложената одлука, па Државна лотарија добила зелено светло да купи видеолотариски терминали и да започне со самостојно приредување игри на среќа.
Истрагата за проневерите во државна лотарија започна во декември 2024 година. Тогаш обвинителството соопшти дека тие се сомничат за кривично дело проневера во службата. Меѓутоа, со поднесувањето на обвинителниот предлогот, Обвининителството ја промени квалификацијата на во злоупотреба на службената положба и овластувања.
Инаку, според членот 354 од Кривичниот законик за проневера во службата, за што првично се товареше Груби, сторителот кој ќе прибави значителна имотна корист се казнува од најмалку 4 години до максимални 20 години затвор. Злоупотреба на службената положба и овластувања, пак, е полесно и за него се предвидува максимална казна од една до 5 години затвор.
Во објаснувањето за промената на правната квалификација на делото, од Основното јавно обвинителство Скопје се повикаа на доказите до кои дошле во текот на истражната постапка и кои, како што соопштија оттаму, се разликуваат од првичните сознанија.
„Истрагата доведе до докази за друго дело. Јавниот обвинител не е обврзан со правната квалификација на поведената истрага или поднесената пријава. Обвинението се темели на доказите прибрани во текот на истрагата“,
рекоа од ОЈО Скопје.
