Истрагата за овој случај беше отворена во ноември лани откако тој беше во фокусот на јавноста претходните месеци, со оглед дека на изборната ноќ падна веб-страницата на ДИК. Кога се отвори истрагата, Деркоски тврдеше дека постапката за софтверот е законска и транспарентна и оти е избрана фирмата „Дуна“ како најповолен понудувач, додека на тендерот се јавила уште една фирма чија понуда била 4 милиони денари
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение против поранешниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски, тројца вработени во ДИК – членови на комисијата за јавни набавки и еден управител на фирма. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а обвинението опфаќа две набавки – едната е на софтверот за парламентарните избори одржани на 15 јули 2020, а другиот е за набавка на телевизори на кои требаше да ги прикажуваат резултатите од изборите. Вредноста на двата тендери е 1 321 409 денари (околу 21 500 евра), од кои тендерот за софтверот тежел 899 999 денари (околу 14 600 евра), а за телевизорите 412 410 денари (околу 6 700 евра).
Според обвинението, членовите на комисијата за јавни набавки во ДИК не го почитувале минималниот законски рок за поднесување на понуди за софтверот кој го набавиле од фирмата „Дуна“.
Обвинителството тврди дека тие не утврдиле дека „Дуна“ не ги исполнува условите и не ги евалуирале правилно доставените понуди, туку таа од конкретната фирма ја оцениле како прифатлива и доделиле максимален број бодови. Врз основа на извештајот, Деркоски како претседател на ДИК, без да изврши контрола на постапката за евалуација, донел одлука да ја избере „Дуна“ како најповолен понудувач. Меѓутоа, постапката била поништена, а Деркоски спровел нова спротивна на препораките.
„Првообвинетиот (Оливер Деркоски), спротивно на мислењето на Бирото за јавни набавки, донел одлука за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас и притоа по негови насоки биле намалени критериумите за вреднување на економските оператори во делот на квалитет. Покани за поднесување понуди за набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК биле испратени до два економски оператори и во повторената постапка повторно како најповолен понудувач бил избран економскиот оператор ’Дуна‘ со кој првообвинетиот потпишал Договор за јавна набавка“,
велат од Обвинителството.
Во делот за софтверот, обвинителството тврди дека Деркоски, иако бил должен, не го тестирал пред да го имплементира со цел да утврди дали се исполнети условите.
Во врска со софтверот, како што пишувавме и претходно, договорот бил потпишан на две недели пред одржување на изборите, на 29 јуни 2020, а во описот на оваа јавна набавка пишува дека е за „софтверски пакети и информатички системи“ и за „ИТ-услуги: консултации, развивање на софтвер, интернет и поддршка“. Повисоката понуда од 4 милиони денари тогаш била дадена од „Ивоте“. Во претходната постапка која била поништена исто така се јавиле овие две фирми, а откако била избрана „Дуна“, „Ивоте“ поднела жалба која била прифатена од Државната комисија за јавни набавки. „Ивоте“ имала жалба и во втората постапка, но таа им била одбиена.
Тендерот за телевизорите бил изготвуван во консултација со управителот на фирмата
Вториот дел од обвинението, пак, се однесува на набавката на телевизори и тука обвинет е управител на фирмата „Тардис“. Телевизорите се набавувале со цел на изборната ноќ ДИК да ги прикажува резултатите во надворешни услови, со оглед на пандемијата, а обвинителството тврди дека тендерската документација од ДИК ја изготвувале во консултации со обвинетиот управител на фирмата.
„Покани биле испратени до 5 економски оператори на контакт адреси што не биле регистрирани во Бирото за јавни набавки, а единствениот понудувач бил економскиот оператор ’Тардис‘. Обвинетиот А.Ш. како претседател на Комисијата за јавни набавки, спротивно на правилата, иако знаел и бил свесен дека обвинетиот И.В. како овластено лице на единствениот понудувач е изготвувач на техничката спецификација, ја евалуирал понудата и во Извештајот за спроведена постапка, без присуство на членовите на комисијата, дал предлог понудата да биде избрана за најповолна понуда“,
тврдат од обвинителството.
Деркоски, пак, го прифатил предлогот и ја избрал оваа фирма за набавка на телевизорите.
Деркоски тврдеше дека постапката е законска и транспарентна
Истрагата за овој случај беше отворена во ноември лани откако тој беше во фокусот на јавноста претходните месеци со оглед дека на изборната ноќ падна веб-страницата на ДИК.
Кога се отвори истрагата, Деркоски тврдеше дека постапката за софтверот е законска и транспарентна и оти е избрана „Дуна“ како најповолен понудувач, додека на тендерот се јавила уште една фирма чија понуда била 4 милиони денари.
„Останувам на тоа што го имам кажано и досега, дека постапката е спроведена законски, а доказ за тоа е и отвореноста на постапката. Вградени се сите сугестии што беа дадени за оваа набавка, не се точни ниту наводите дека не е извршено тестирање, на околу 150 члена им биле пратени упатства и лозинки за да се тестира исправноста“,
изјави Деркоски по отворањето на истрагата во ноември лани.