Девојките биле поведувани на проституција во локал во Гостивар, но и во други објекти во градот, како и во Тетово. Бил направен и претрес во угостителскиот објект каде што биле затекнати осомничениот, четири девојки и шестмина гости
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага за едно лице поради сомнение дека подведувало девојки на проституција. Меѓу жртвите има наши, но и државјанки на Русија, Украина и Србија.
Станува збор за лице од Гостиварско, кое ќе се гони за делото трговија со луѓе и за кое е определен притвор од 30 дена. Подведувањето, според Обвинителството, лицето го вршело во текот на изминатата година во угостителски објект во Гостивар, но на други локации во овој град и во Тетово.
„Според пријавата, осомничениот во периодот од средината на март 2021, па сè до 20.03.2022 во Гостивар, во угостителски објект со кој управувал, со употреба на сила и закана, како и со злоупотреба на својата положба, подолг временски период подведувал на вршење проституција повеќе женски лица, наши и државјанки на Русија, Украина, Србија, за одреден паричен надоместок. Жртвите биле и трудово експлоатирани, со што осомничениот се стекнал со противправна материјална корист. Експлоатацијата по пат на проституција се вршела во самиот угостителски објект на подрачјето на Гостивар, како и на други локации и објекти во Гостивар и Тетово“,
велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Одделот за сузбивање организиран криминал извршил и претрес во локалот во Гостивар каде што бил затекнат осомничениот со една наша и три државјанки на Србија, како и шестмина гости.
Истрагата е отворена откако за случајот била поднесена кривична пријава од Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе.