Истражувањето на новинарите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) покажува дека приватната болница која прими најмногу пациенти за време на ковид-19 пандемијата и во која лекувањето чинеше десетици илјади евра, го применувала методот хемофилтрација (филтрирање на крвта) кој, практичн, бил клиничка студија. Наспроти домашното законодавство, клиничките студии не биле пријавени и одобрени од МАЛМЕД
Во научните трудови објавени врз основа на клиничките студии во „Жан Митрев“ пишува и дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето. Тоа го тврдат и дел од роднините на починати пациенти во болницата. Според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката „Жан Митрев“ ниту еднаш не пријавила појава на интрахоспитални инфекции, иако по закон треба да го извести овој државен орган
На прашање од 360 степени, од Јавното обвинителство велат дека веќе оформиле предмет по допрен глас
„Се чувствувам излажано, изманипулирано, животот ми е уништен“. Ова се зборовите на Мелита Брезева, сопруга на Никола Брезев – пациент кој починал во клиниката „Жан Митрев“ откако бил примен на лекување од ковид-19. За ИРЛ Брезева раскажува дека лекувањето против ковид-19 почнало добро, но дека нејзиниот сопруг потоа добил редица интрахоспитални инфекции а персоналот почнал да му прави и хемофилтрација на крвта.

Брезева вели дека ниту имале доволно информации за хемофилтрацијата, ниту болницата била транспарентна за интрахоспиталните инфекции, па дури и не знаеле од што го лечат нејзиниот сопруг – од ковид или од бактериите со кои се заразил во болницата.
Тимот на новинари разговарал со уште 20-ина семејства чии блиски починале во болницата и добиле слични или исти сведоштва. Кога почнале да собираат ставови и документи од институциите кои се надлежни за надзор и заштита на пациентите, ИРЛ доаѓа до две клучни сознанија:
- Методот на хемофилтрација во лекување на болни што го применува клиниката „Жан Митрев“, всушност, е клиничка студија, иако болницата за тоа наплаќа десетици илјади евра. Законски, студијата/иите мораат да бидат пријавени и одобрени од МАЛМЕД (Агенција за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија);
- Во научните трудови на доктори од клиниката „Жан Митрев“ (вклучувајќи го и доктор Жан Митрев) објавени врз основа на „клиничките студии“ се наведува и дека значителен број на пациенти се здобиле со интрахоспитални инфекции. Законски, клиниката морала да го извести Центарот за јавно здравје за инфекциите.

Но, клиниката „Жан Митрев“, тврди ИРЛ, никогаш не побарала одобрување на студијата од МАЛМЕД ниту, пак, за време на пандемијата известила дека во болницата имало интрахоспитални инфекции. Напротив, клиниката и докторот Жан Митрев во јавноста ја претставуваат хемофилтрацијата како испробан метод со одлични резултати што носи голем број на пациенти (и пари) за време на пандемијата.
Од Центарот за јавно здравје ИРЛ добива став дека „Жан Митрев“ не пријавил ниту една интрахоспитална инфекција за време на пандемијата. Барем една таква пријава стигнала до Државниот санитарен и здравствен инспекторат и институцијата иницирала инспекциски надзор до министерот за здравство, но немаат повратна информација дали инспекцијата некогаш се случила.
Во регистарот на клинички испитувања на МАЛМЕД, пак, новинарите од ИРЛ не наоѓаат одобрение за ниту една од клиничките испитувања што ги правела клиниката „Жан Митрев“, за лекување пациенти со ковид-19 со хемофилтрација.

„Законот е јасен. За секое клиничко испитување треба одобрение од МАЛМЕД. По здравјето никој не смее да се осмели да се нафати со такво нешто. Без дозвола за возење, да се нафатиш автобус да возиш… Така што, ќе бидат санкционирани, најверојатно, сите тие институции што ќе преземат на своја рака активности во таа насока“,
вели Љирим Шабани, директор на Агенција за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).
Во документарниот филм на ИРЛ има и интевју со доктор Жан Митрев. За интрахоспиталните инфекции тој потврдува дека ги имало и иако на моменти не е 100% сигурен, тврди дека ги пријавувале до надлежните институции.

„Видете, имаше многу пациенти со многу бактерии, значи секојдневно…
ИРЛ: Ама ниту еден не е пријавен, господине Митрев, можете тоа да го проверите?
Тоа мора да го проверам, не ми се верува дека не е пријавен… Јас сум сигурен дека се пријавени, меѓутоа ќе проверам“,
вели доктор Жан Митрев за ИРЛ.
За примената на хемофилтрацијата за лекување на пациенти со ковид-19, Митрев во повеќе јавни настапи по медиуми за време на пандемијата тврди дека тоа е метод одобрен од американската ФДА (Агенција за храна и лекови). Од увидот во одобрението, новинарите од ИРЛ заклучуваат дека методот е одобрен само за исклучително тешки состојби, а не и кај пациенти со лесна или средна клиничка слика.
„Ние први во болницата почнавме уште многу одамна да го испитуваме интерлеукинот како еден од главните медијатори на активација на инфекција во организмот. Ние тоа го воведовме во секојдневната пракса. И спречувавме да дојде до сепса. Ако веќе сепсата дојде, тогаш и хемофилтрацијата има многу поограничени можности. Во вашето прашање…
ИРЛ: Значи, сметате дека хемофилтрацијата може да се дава пред да настапи ‘цитокинска бура’?
Апсолутно. Тоа е правата индикација… Ако вие го фатите механизмот пред да настане, тогаш е вистинската индикација за хемофилтрација. Тоа го гледаме ние во секојдневната наша пракса.
ИРЛ: Ако сметате дека препораката на ФДА, бидејќи Вие…
Не, не. ФДА само го одобрува тој третман. Таа не вели кога да го вклучите.
ИРЛ: Апсолутно вели кога, вели дека се користи во исклучителни ситуации кога состојбите се тешки.
Да речеме за хемофилтрација за ковид пациенти по година дена се објави во Германија дека има ефект.
ИРЛ: Каде? Дали може линк да ни дадете?
Па, имаше на вести некаде, во Берлин беа објавиле дека хемофилтрацијата е примена кај ковид пациенти. И ако гледавте вести од странство, секоја интензивна нега речиси имаше хемофилтрација покрај секој пациент“,
тврди доктор Жан Митрев.
За да ги проверат овие тврдења, ИРЛ наоѓаат и македонски доктор кој во моментов работи во Германија. Анестезиологот Филип Атанасовски, кој работи во инфективниот оддел на ДРК Клиники – Берлин, потврдува дека хемофилтрацијата се користи во Германија, но само на пациенти со „индикации“, односно оние кои, на пример, имаат сепса. Ако сликата не е тешка, тврди Атанасовски, не се употребува.

Во интервју за ИРЛ и директорката за Инфективната клиника, Милена Стевановиќ, вели дека методот на хемофилтрација никогаш не бил ставен во ниту еден протокол за лекување од ковид-19.
ИРЛ објавува и статистика, според која, во текот на 2021 година стапката на смртност кај пациентите примени на лекување во Инфективната клиника изнесувала 26%. Во клиниката „Жан Митрев“, каде се применувал методот на хемофилтрација, стапката на смртност кај болните од ковид-19 изнесува 28%.
На прашање на 360 степени, од Јавното обвинителство одговорија дека веќе оформиле предмет.
„Веднаш по објавата на наведената документарна емисија, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето“,
одговорија од јавното обвинителство.