Скопското обвинителство смета дека имало нестручно и несовесно вршење на функцијата, за што Судскиот совет е надлежен да поведе постапка за утврдување одговорност, но Советот веќе го разреши Вангеловски поради несовесно работење во врска со бегството на бизнисменот Сеад Кочан
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје донело резолуција дека нема основи кривично да ги гони поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, и уште еден судија, за предметите што ги чуваше во фиока.
Скопското обвинителство смета дека нема основи за сомневање дека тој сторил кривично дело за кое се гони по службена должност, туку врз основа на анализите констатираат дека имало нестручно и несовесно вршење на функцијата основи за кои Судскиот совет е надлежен да поведе постапка за утврдување одговорност. Меѓутоа, тоа нема да се случи со оглед дека Советот веќе го разреши Вангеловски поради несовесно работење во врска со бегството на бизнисменот Сеад Кочан.
ОЈО Скопје ја донело резолуцијата откако, како што тврдат оттаму, претходно направиле проверки во Врховниот суд и во Судскиот совет, а го испитале и Вангеловски кој дал свој исказ.
Предметите беа затекнати во 2019 година, од поранешниот в.д. претседател на Врховниот суд, Фаик Арслани, кој стапи на функцијата откако Вангеловски беше времено оддалечен од судската функција кога почна постапката за разрешување.
Тој тогаш ги извести и Судскиот совет од каде информацијата ја проследија и до обвинителството. Денешната резолуција дека основи за кривично гонење на Вангеловски ОЈО Скопје ја донесе по една година проверка односно откако оформи предмет во февруари лани.