Наредба за спроведување истражна постапка против седум лица донесе Основното јавно обвинителство Скопје. Тие се осомничени за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Како што информира ОЈО Скопје, двајца од нив се осомничени за продолжено извршување на кривичното дело, додека еден за помагање.

„Од декември 2023 година, во координирани активности на повеќе полициски единици, по наредби на јавен обвинител, се преземаа истражни дејствија, кои во текот на вчерашниот ден резултираа со претреси на повеќе локации. Кај осомничените кои се на возраст меѓу 28 и 50 години, беше пронајдена наркотична дрога – кокаин, марихуана, како и пари за кои постои сомнение дека потекнуваат од улична продажба на дрога“,
велат од ОЈО Скопје.
Обвинителството бара притвор за три лица, како и мерки на претпазливост за уште тројца од осомничените.
Вчера полицијата веќе информира дека биле преземени мерки и активности со цел сузбивање на улична продажба на кокаин, амфетамин и марихуана. Во акцијата биле приведени вкупно 28 лица, а пронајдени се кокаин, марихуана, пари, куршум и запалка за бомба.
