Обвинителот рече дека во овој момент не би коментирал детали од предметот бидејќи постапката сè уште не е правосилно завршена, а сите забелешки на пресудата, како што рече, ќе ги истакнат во жалбата
Според бранителот на обвинетата Елизабета Канческа-Милевска, адвокатот Сашо Дуковски, ниту еден суд не може да донесе поинаква пресуда од ослободителна пресуда

По ослободителната пресуда за ексминистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во случајот „Тендери“, јавниот обвинител Стевчо Дончев најави дека ќе вложат жалба.
„Откако ќе ја добиеме пресудата, во законскиот рок ќе вложиме жалба. Се надевам дека Апелацискиот суд Скопје, кој е надлежен да одлучува по жалбата, ќе донесе правилна и законита одлука“,
рече Дончев.
Обвинителот рече дека во овој момент не би коментирал детали од предметот бидејќи постапката сè уште не е правосилно завршена, а сите забелешки на пресудата, како што рече, ќе ги истакнат во жалбата.
„Ако ги следевте внимателно судењата, имаше презентација на доказите во почетокот на постапката. Снимките посебно кажуваат што се случило во детали. Судот даде таква анализа, но јас би рекол, во оваа постапка нема да коментирам сè што ќе кажеме во жалбата“,
рече тој.
Според бранителот на обвинетата Елизабета Канческа-Милевска, адвокатот Сашо Дуковски, ниту еден суд не може да донесе поинаква пресуда од ослободителна пресуда.
„Цврсто сум убеден дека со оглед на фактите што се презентирани во оваа постапка пред сè и над сè, супервештачењето и сите други материјални и вербални докази, не може ниеден суд да донесе поинаква пресуда од ослободителна пресуда. Едно е политика, едно е некого да сакате и мразите, друго е владеење на право и оценка на докази. Денеска видовме владеење на правото“,
рече тој.
Дуковски истакна дека е, како што рече, жалосно што обвинетите без каква било вина биле подложни на шестгодишна судска постапка со мерки за безбедност.
„Со потпишување во судот, со одземени патни исправи, а на крајот се докажа она што ние го тврдиме од првиот момент во оваа постапка, дека нема ниту еден единствен доказ со кој што се утврдува ова обвинение. Ваквите пресуди само покажуваат и укажуваат како треба да се анализира еден кривично-правен предмет, доказите и како треба да се постапува во смисла на еднаквост на странките во постапката“,
рече Дуковски.
Денеска поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска беше ослободена од обвинение за предметот познат во јавноста како „Тендери“ бидејќи, според Судот, обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле делото.
За истото дело беа обвинети и Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова-Цветковска, членови на комисијата за јавни набавки, кои заедно со поранешната министерка за култура беа ослободени од обвинението.
Според обвинението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Процесот го водеше судијата Осман Шабани, а обвинението го застапуваше јавниот обвинител Стевчо Дончев.