Спасовски, одговарајќи на прашањето каков поднесок ќе има и за што ќе се товари Дрин Ахмети, рече дека тие поднеле известување до Јавното обвинителство во однос на нивните сомненија
Од полициски аспект се преземни сите конкретни активности и сега Јавното обвинителство треба да оцени како ќе постапува во случајот со пронајдените пиротехнички средства во возилото на Д.А. од Зајас, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„За конкретниот случај ние ги преземавме сите потребни активности од полициски аспект. Одземени се сите предмети кои беа најдени и е доставен поднесокот до Јавното обвинителство, кое ќе оцени за тоа како понатаму ќе се постапува во однос на целиот овој случај“,
рече Спасовски по денешната посета на полицискиот центар „Ѓорче Петров“.
Спасовски, одговарајќи на прашањето каков поднесок ќе има и за што ќе се товари Дрин Ахмети, рече дека тие поднеле известување до Јавното обвинителство во однос на нивните сомненија.
„Треба да се земат предвид сите овие факти и докази и на основа на тоа ќе ги донесе одлуките Јавното обвинителство“,
додаде министерот за внатрешни работи.
Вчера, од Основното јавно обвинителство рекоа дека за настанот е известен јавен обвинител и оти во зависност од фактите кои ќе бидат утврдени со вештачења на пронајдените пиротехнички средства, јавниот обвинител ќе одлучува за натамошниот тек на постапката.
Дрин Ахмеди, внук на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, на 30 декември беше приведен во центарот на Скопје, откако полициски службеници го сопреле неговото возило и во него нашле пиротехнички средства.
Ахмети бил приведен откако полициски службеници, на улицата „Самоилова“ во Скопје, запреле патничко моторно возило „ренџ ровер“ со албански регистарски таблички. При преглед на возилото биле пронајдени 749 пиротехнички средства.
Дрин Ахмети стана актуелен во јавноста откако пред неколку месеци стана сопственик на бизнис-центарот „Соравиа“.
Тој од 2020 година е сопственик на компанијата за развој на градежни проекти „Тор индустрис“. Инаку, Дрин Ахмеди е косопственик и на фирмата „Еверест ЏД“ која има активна концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Буковиќ“ во Зајас.
Дрин Ахмеди летоска отфрли поврзаност на лидерот на ДУИ со неговиот бизнис.