Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ќе бара продолжување на притворот за бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, кој му истекува за неколку дена, потврдија оттаму за „360 степени“.
Последниот 30-дневен притвор на Камчев му беше определен на 12 мај, кога Обвинителството поднесе и обвинение за случајот „Плацовите на Водно“, со кое е опфатен и тој.
„Со оглед дека околностите врз основа на кои Обвинителството предложи определување на мерката притвор не се изменети, надлежниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје ќе побара продолжување на веќе определената мерка“,
велат од Обвинителството.
Обвинителниот акт се наоѓа во Основниот кривичен суд во Скопје каде што треба да се донесе оцена дали ќе биде прифатен.
Камчев заврши во притвор на 14 март 2021 како осомничен во случајот „Плацови на Водно“. Мерката беше побарана откако обвинителството доби белешка од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) дека осомничениот бизнисмен се подготвува за бегство. За истата белешка обвинителката Вилма Русковска изјави дека е дел од образложението зошто се барал притвор.
Од друга страна, одбраната на бизнисменот тврдеше дека „тој нема ниту една причинско-последична врска која го врзува со предметот“ и во пресрет на поднесувањето на обвинението неговиот адвокат Тони Менкиноски оцени дека тоа е само изговор за да се затскрие белешката од АНБ и неговиот клиент да се држи во притвор.
Претходно, Камчев нудеше и гаранција од 1,7 милион евра за да се брани од слобода, но таа му беше одбиена бидејќи според Апелацискиот суд и натаму постои опасноста од бегство.
Камчев не е единствениот кому му беше одбиена гаранцијата. Вчера Апелација ја одби жалбата на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кој нудеше 10,8 милиони евра. Мијалков, исто така, е опфатен со предметот „Плацови на Водно“, но притворот што го издржува е за случајот „Трезор“ каде што неправосилно е осуден на 8 години затвор.
И за двете кауции до Апелацискиот суд во Скопје стигна негативно мислење од Вишото обвинителството, кое сметаше дека и во двата случаи гаранцијата треба да се одбие.
Ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, кој е осомничен во случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци, исто така, изминатиов период нудеше гаранција во висина од 500 000 евра за да се брани од слобода. За него, пак, Вишото обвинителство се согласи тој да излезе на слобода, но Апелација не ја разгледуваше гаранцијата.
„Во однос на одлуките на Вишото јавно обвинителство Скопје, истакнуваме дека одлуките се донесуваат во секој предмет одделно, при што јавните обвинители ги ценат фактите и околностите во секој предмет одделно. Оттука, не би можело да се врши споредба на предметите од аспект на одлуките кои се донесуваат“,
велат од Обвинителството.
И покрај позитивното мислење на Вишото обвинителство, Апелација воопшто не ја разгледуваше кауцијата што ја понуди Рашковски бидејќи, како што објаснија тогаш, гаранцијата се нуди за опасноста од бегство, но во неговиот случај сметале дека сè уште постои опасноста да влијае на сведоците. Сепак, второстепениот суд одлучи тој да остане во притвор, но, наместо ефективен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, му одреди куќен.