Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција објави дека бара и продолжување на куќниот притвор за Драги Рашковски и Даниел Станчев, како и привремено замрзнување на имотот
Од објавените детали, покрај информации за тендерите и исплатата на хонорарите, се посочува и дека од јуни 2017 до почетокот на мај оваа година, Рашковски пуштил во оптек 5 378 319 денари (87 500 евра), а за кои се тврди дека потекнуваат од кривично дело. Парите ги уплаќал на неговите и на сметките на членовите на неговото семејство, а предвремено ги отплатил и кредитите
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) официјално потврди, како што претходно објави „360 степени“, дека денеска до Основниот кривичен суд во Скопје е поднесено обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски и против уште шест други лица.
Во случајот за кој е поднесен обвинителниот акт се споени два предмети поврзани со спорните набавки на два софтвери – едниот за автоматско казнување за сообраќајни прекршоци и еден за биометриска идентификација. Рашковски е првообвинет и му се става на товар дека во периодот од јуни 2017 до февруари 2021 како генерален секретар извршил продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и кривично дело перење пари. Второ и третообвинетиот, како негови надворешни соработници, според Обвинителството, со умисла му помагале во повеќекратното извршување на кривичното дело злоупотребата на службената положба, четвртообвинетиот – сопственик и управител на фирма, пак, му помагал во една јавна набавка. Исто како и четвртообвинетиот, и другите обвинети се гонат за по едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања.
Обвинението опфаќа четири набавки, и тоа на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; ANPR-камери за препознавање регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.
Тендерите тежеле 284 000 евра
Обвинителството тврди дека Рашковски давал насоки за изготвување на документацијата за тендерите за да упатуваат на конкретен патент и со учесниците во набавката комуницирал лично.
„Првообвинетиот јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17 474 137 денари (околу 284 000 евра)“,
велат од ОЈОГОКК.
Во серијата истражувачки стории што ги објави „360 степени“, од кои првата ја објавивме пред точно седум месеци, пишувавме за спорната набавка на софтверот за сообраќајни казни, како и дека пред да го купи како генерален секретар на Владата Рашковски лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал. Тој тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барале ниту планираат да го користат софтверот за кој никој не ги прашал.
Рашковски склучувал авторски договори, а хонорарците му ги враќале во кеш
Со обвинението опфатени се и склучувања авторски договори со шесто и седмообвинетиот. Обвинителството тврди дека, иако поранешниот генерален секретар знаел дека тие не ги извршуваат работните задачи, тој им исплаќал месечни хонорари, а тие потоа дел од парите му ги враќале во кеш.
На таков начин од буџетот биле „испумпани“ 1 320 000 денари (околу 21 500 евра).
Оттука доаѓа и пресметката на Обвинителство дека, вклучувајќи ги и овие пари, заедно со тендерите, штетата што му била нанесена на буџетот изнесува 18 794 137 денари (околу 305 600 евра).
Уплаќал пари на сметки и ги отплатил кредитите – се бара замрзнување на имот
Истрагата на Обвинителството, според објавеното соопштение, покажала и дека од јуни 2017 до почетокот на мај оваа година, Рашковски пуштил во оптек 5 378 319 денари (87 500 евра), а за кои се тврди дека потекнуваат од кривично дело.
„Со намера да го прикрие потеклото на паричните средства во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити“,
велат од Обвинителството.
Од ОЈОГОКК велат дека до судот поднеле барање и за замрзнување на имотот.
„Со обвинителен акт согласно чл. 118 став 2 во врска со член 120 од ЗКП, е предложено да биде определена привремена мерка за обезбедување на имотно – правно барање на износ од 5 050 000 денари, за сторената штета во вкупен износ од 18 794 1370 денари што настанала поради извршување на кривичното дело“,
велат од обвинителството.
Обвинителството бара и продолжување на мерката куќен притвор за двајца обвинети, односно за Рашковски и Даниел Станчев, кој е сопственик на „Инвока груп“, фирмата од која беше купен софтверот за сообраќајни казни.