Кузеска рече дека основани се сомнежите за непотизам, судир на интереси и злоупотреба на јавните пари бидејќи, како што додаде, во два одвоени случаи, токму најтесните семејни кругови на вработените во министерството на Андоновски се оние што ги добиваат тендерите во институцијата

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска упати барање до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да го прошири предметот за кој рекоа дека е отворен за министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и да ја информира јавноста за резултатите од постапката што веќе ја води.
Партиската портпаролка Богданка Кузеска го повика Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за сите тендери во Министерството за дигитална трансформација.
Барањата на СДСМ доаѓаат откако вчера обвинија за нов скандал во оваа институција, во кој, како што велат, повторно има конфликт на интерес.
„Скандалите во Министерството за дигитална трансформација водено од Стефан Андоновски не престануваат. По тендерот добиен од сопругот на државната секретарка Клинчарова, сега јавноста дозна за нов тендер вреден 600 илјади денари кој по информации од свиркачи се сомневаме дека бил доделен на фирма поврзана со родителите на вработен во ИТ-секторот. ДПМНЕ не го негираше тендерот, туку го потврди, а Андоновски досега молчи“,
рече Кузеска на прес-конференција од пред зградата на ДКСК.
Таа вели дека во потврдата од ВМРО-ДПМНЕ не бараат одговорност, туку „дрско прашуваат да сме кажеле дали вработениот е некој функционер или член на комисија која одлучува во однос на набавките“.
Според неа, постои основано сомнение за конфликт на интерес во конкретниот случај, а потсети и на претходните обвинувања со тендерот што го доби сопругот на државната секретарка во министерството.
„Потсетуваме дека на крај на секоја постапка за јавни набавки се потпишува лична изјава за непостоење на судир на интереси за истата. Во двата скандала што ги наведовме постои токму тоа – основен сомнеж за судир на интереси. Дополнително тука се информациите кои вработените ги имаат во однос на јавните набавки кои во министерството ќе се спроведат согласно годишниот план за јавни набавки“,
додаде таа.
Кузеска рече дека основани се сомнежите за непотизам, судир на интереси и злоупотреба на јавните пари бидејќи, како што додаде, во два одвоени случаи, токму најтесните семејни кругови на вработените во Министерството на Андоновски се оние што ги добиваат тендерите во институцијата.
Минатиот месец од СДСМ објавија договори што биле склучени меѓу Министерството за дигитална трансформација и фирма од Скопје.
Кузеска покажа два договори за кои рече дека се склучени помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Друштвото за производство, трговија, промет и услуги „Матео дизајн“ од Скопје застапувано од управителот Мартин Клинчаров – сопруг на државната секретарка Гордана Клинчарова.
Од ДКСК објавија дека ќе утврдуваат дали има судир на интереси во овој случај што беше поздравено од кабинетот на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.