Бизнисменот и поранешен потпретседател на Српска листа, Милан Радоичиќ, на 3 октомври беше уапсен и сослушан од надлежните власти во Белград, откако неколку дена претходно ја презеде целосната одговорност за настаните кај Бањска на северот на Косово на 24 септември. Вишиот суд еден ден подоцна одлучи да не му одреди притвор и наместо тоа му изрече мерка со која му забрани да ја напушта територијата на Србија. Одлуката по жалбата на обвинителството треба да ја донесе посебен кривичен совет на Вишиот суд во Белград
Вишото јавно обвинителство во Белград вчера поднело жалба на одлуката на Вишиот суд со која беше одбиен предлогот на обвинителството за определување притвор на Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за нападот на косовската полиција кај селото Бањска на северот на Косово.
Дека е поднесена жалба на првостепената судска одлука за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) потврдиле денеска од обвинителството.
Оттаму за РСЕ соопштиле дека желбата е поднесена „поради неточна и нецелосно утврдена фактичка состојба“.
На 24 септември во напад на косовската полиција кај селото Бањска, на северот на Косово, загина полицискиот наредник Африм Буњаку, а неколку други беа повредени. Во престрелката меѓу полицијата и вооружената група загинаа тројца напаѓачи, а во околината на Бањска беше пронајден голем арсенал оружје.
Владата на Косово ја обвинува Србија за овој инцидент, додека официјален Белград негира каква било вмешаност.
Пет дена по инцидентот, односно на 29 септември, Милан Радоичиќ, бизнисмен и политичар од северот на Косово и поранешен потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, ја презеде целосната одговорност за организирање на нападот.
Тој на 3 октомври беше приведен и сослушан од надлежените власти во Белград, а следниот ден со одлука на Вишиот суд беше одбиено барањето за притвор и наместо тоа му изрече мерка со која му забрани да ја напушта територијата на Србија.
Во жалбата која ја поднело Вишото јавно обвинителство се бара преиначување на донесеното решение и одредување притвор на осомничениот, навеле во одговорот од обвинителството за Н1.
Рокот во кој судот треба да донесе одлука, како што пренесува српскиот медиум, е 48 часа од моментот кога ќе бидат исполнети условите за одлучување, односно првостепеното решение да го добијат сите учесници во постапката кои имаат право на жалба. Тие во рок од три дена по добивањето на решението треба да ги поднесат жалбите.
Странките, како што наведува Н1, можат и да не поднесат жалби и во тој случај се одлучува по истекот на трите дена.
Одлуката по жалбата на обвинителството треба да ја донесе посебен кривичен совет на Вишиот суд во Белград.