Ниту јас ниту кој било министер има овластувања да проверува дали имотот на Мијалков вредел 30 милиони, тоа е задача на обвинителството, дециден е вицепремиерот
По сторијата на „360 степени“ дека конфискуваниот недвижен имот од ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков“, во случајот „Империја“ не е во вредност од 30 милиони евра како што првично се тврдеше, туку вреди 15 милиони евра, актуелниот вицепремиерот за европски прашања, кој е поранешен министер за правда, Бојан Маричиќ, порачува дека одговорноста за тоа треба да се лоцира во обвинителството, а не во Владата.

„Министерот за правда и Владата имаат ингеренции да создаваат услови. Не може тие да работат наместо Обвинителството. Не може обвинителството да преговара со обвинетите за постигнување спогодба за признавање вина, а кога ќе излезе нешто вакво, ние да бидеме виновни“,
вели Маричиќ во интервју за „Макфакс“.
На прашање зошто не изреагирале на време, тој вели затоа што самото обвинителството објавило дека има 30 милиони евра имот на Мијалков за замрзнување.
Тој рече и дека не е работа на Владата да испитува колку вредел имотот на Мијалков.
„Немам ниту надлежност ниту овластувања, јас или кој било министер да проверува дали имотот вредел 30 милиони. Тоа е задача на обвинителството. Не можеме да работиме наместо обвинителството“,
рече Маричиќ.

„360 степени“ минатиот понеделник (21 февруари 2023 година) објави дека конечно заврши проценката на недвижниот имот конфискуван од Мијалков и оти станува збор за имот вреден 15 милиони евра, што не е ни приближно блиску до 30 милиони, колку што првично соопшти поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска.
Целата сторија можете да ја прочитате и погледнете на линкот во продолжение.