Од Обвинителството велат дека надлежниот јавен обвинител издал повеќе наредби до Министерството за внатрешни работи од кои по дел сè уште се постапува

По барање на јавен обвинител и врз основа на судска наредба кај поранешниот заменик-директор на Јавното претпријатие „Македонија пат“, Сашо Дранго, бил извршен претрес и се преземаат дејствија во предистражна постапка, информираат од Обвинителството.
„Извршен е распит на пријавеното лице, а во тек е вештачење на неговиот мобилен телефон“,
велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат и дека надлежниот јавен обвинител издал повеќе наредби до Министерството за внатрешни работи од кои по дел сè уште се постапува.
„По завршување на сите дејствија, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“,
се вели во информацијата од Обвинителството.
Информацијата од Обвинителството доаѓа како одговор на новинарски прашања за тоа до каде е постапката против Дранго откако претходно во медиумите беше објавено дека „Македонија пат“ има нов заменик-директор.
На оваа позиција е ставен Александар Шуковски кој за функцијата што ја добил информираше со објава на својот фејсбук-профил.
За назначувањето на Шуковски за заменик-директор во „Македонија пат“ нема информација од Владата.
Основното јавно обвинителство во Битола оформи предмет по допрен глас откако пред два месеца беше објавена фотографија од Дранго на која тој позира со убиена мечка.
Фотографијата предизвика реакција од членовите на невладината организација за заштита на животните „Анима мунди“ кои бараа тој кривично да одговара.
По објавувањето на фотографијата премиерот Христијан Мицкоски рече дека нема да ги оправда и амнестира ваквите однесувања доколку се потврди дека Дранго ја застрелал мечката со која се фотографираше.
Дранго ги негираше тврдењата на „Анима мунди“ велејќи дека тој не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа, а оти тој и вработените во претпријатието ја тргнале од коловозот, по што тој се фотографирал со неа.
