Балистичката ракета ФП-7 е развиена и произведена од водечката украинска одбранбена компанија „Фајр поинт“

Новата тактичка балистичка ракета ФП-7 на Украина првпат беше употребена во борбата против Русија, потврди претседателот Володимир Зеленски не прецизирајќи каде или како е употребена.
„Прва борбена употреба. Ви благодарам за резултатот. Следен чекор – производство“,
напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Ukrainian tactical ballistic missile. FP-7. First combat use. Thank you for the result. Next up: production. Glory to Ukraine! https://t.co/IxdjVg51c1
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) October 1, 2026
Балистичката ракета ФП-7 е развиена и произведена од водечката украинска одбранбена компанија „Фајр поинт“ која наведува дека таа се развива како балистички пресретнувач во рамките на европската програма за ракетна одбрана наречена „Фреја“, која е лансирана оваа година.
Според техничките податоци, ракетата достигнува максимална брзина од 1 500 метри во секунда, има деклариран дострел до 250 километри и носи боева глава со тежина до 200 килограми. Сите клучни компоненти на системот, од ракетниот мотор до системот за водење се произведуваат во самата компанија.
Развојот на ФП-7 и варијантата ФП-9 со подолг дострел беше официјално најавен во септември 2025 година, а првите тестови се одржаа во февруари 2026 година. Ракетата е базирана на советскиот пресретнувач 48Н6, што се користи во системите за воздушна одбрана С-300 и С-400, но користи модерни компоненти и напредни технологии за производство.
„Ова е наш пандан на системот ATACMS, веројатно со уште поголема боева глава, но ќе чини барем половина од цената“,
изјави претходно коосновачот и главен дизајнер на „Фајр поинт“, Денис Штилерман.
Тој нагласи дека масовното производство е клучот за успехот.
„Ако произведувате две или три балистички ракети месечно, тоа нема смисла и нема да влијае на ситуацијата на бојното поле“,
вели тој.
Украина – чие производство на ракети значително заостанува зад она на Русија – го смета развојот на сопствени тактички балистички ракети за важен елемент од одговорот на честата употреба на вакви ракети од страна на Русија при нејзините напади.
