Тројцата загинати, како што објавија од болницата „Плодност“ од Битола, се доктори и медицински персонал, кои утрово од Прилеп оделе кон своето работно место во болницата
По извршениот увид на местото на сообраќајката што утрово се случи на патот Прилеп-Битола во која животот го загубија три лица, а едно е повредено, Основното јавно обвинителство Прилеп даде наредба за сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините за незгодата.
Јавен обвинител од ОЈО Прилеп издаде наредба да се направи обдукција на починатите патници, како и за испитување на примероци од крвта и урината на возачот на камионот.
„Според првичните сознанија, до несреќата дошло при судир на патничко возило ‘тојота’ со прилепски регистарски таблички и товарно возило ‘волво’ со скопски ознаки. Причините за несреќата се утврдуваат“,
се вели во соопштението од ОЈО Прилеп.
Во несреќата што утрово во 7:51 минута се случи на патот Прилеп-Битола кај селото Лагово загинаа возачот на автомобилот и неговите двајца сопатници, а возачот на камионот е повреден.
По судирот на двете возила, според информациите на Министерството за внатрешни работи (МВР), автомобилот се запалил и на самото место починале тројцата патници.
Тројцата загинати, како што објавија од болницата „Плодност“ во Битола, се доктори и медицински персонал, кои утрово од Прилеп оделе кон своето работно место во болницата.
На фејсбук-профилот на болницата „Плодност“ се објавени и нивните имињата.
„Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава доаѓајќи на своите работни места од Прилеп. Со соодветен комеморативен настан болницата ќе им оддаде почит на трагично загинатите колеги“,
пишуваат од „Плодност“ на Фејсбук.