Основното јавно обвинителство во Штип денеска поднесе предлог за определување притвор за две лица, жители на Штип на возраст од 23 и 26 години, за кои постои основано сомнение дека сториле кривичното дело насилство од член 386 став 3 од Кривичниот законик.
Станува збор за лицата С.А. и П.Р. од Штип кои заедно извршиле грубо насилство, а во текот на вчерашниот ден на социјалните мрежи беше објавено и видео од настанот за кој се обвинети.
*Поврзани вести: Полицијата ги уапси насилниците од Штип кои тепаа девојче
Штипското обвинителство отвори предмет против двајцата насилници кои тепаа девојче
Иако видеото со вознемирувачка содржина се случил пред два месеца, дури вчера снимката беше поставена на интернет.
„Обвинетите во текот на јануари 2020 година, заедно извршиле грубо насилство над оштетената, на начин што отишле во куќата на оштетената и започнале да ја навредуваат и удираат со тупаници и шлаканици во пределот на лицето и главата. Потоа со влечење ја однеле во влез на станбена зграда каде што продолжиле со вршење насилството. Додека го вршеле грубото насилство, осомничените снимале со мобилен телефон, со кои дејствија кај оштетената и во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“,
се вели во соопштението на обвинителството.
Во насока на обезбедување непречено одвивање на кривичната постапка, како и постоењето на околности кои укажуваат дека осомничените ќе го повторат кривичното дело, Обвинителството го достави предлогот за определување притвор за двајцата осомничени.