Обвинителката Елизабета Јосифоска, која ја потпиша согласност осомничениот во „Империја“, Орце Камчев, да добие времен пасош, денеска треба да сведочи на рочиштето за случајот „Рекет“.

Таа и Ленче Ристоска ѝ беа заменички на Катица Јанева во СЈО. Во јавноста веќе е познато дека Јосифоска е обвинителката која го потпишала позитивното мислење за времениот пасош на Камчев и, како што објаснуваше и самата, тоа било одлука на Јанева и таа како нејзина заменичка била должна да ја потпише бидејќи во тој момент ја менувала шефицата додека била на одмор.
Уште додека обвинителката Вилма Русковска ја водеше истрагата за „Рекет“, Јосифоска беше во обвинителството за да даде исказ, а покрај неа од СЈО искази даваа и обвинителите Лиле Стефанова и Бурим Рустеми кои ги водат истрагите „Империја“ и „Поштенска банка“.
Јосифоска ќе биде првата од тимот на Јанева која ќе влезе во судница како сведок, а во текот на судскиот процес се очекува да се слушнат и сведочењата на други обвинители.
Адвокатите на Катица Јанева, Ирена Фркоска и Дељо Кадиев, уште на почетокот на судењето најавија дека во нивната листа на предложени сведоци се речиси сите обвинители од СЈО.

Јанева во случајот е второобвинета и на товар ѝ се става делото злоупотреба на службената положба и овластувања. Бојан Јовановски – Боки 13 е првоосомничен и обвинителството го гони за две дела – примање награда за противзаконито влијание и за перење пари и други приноси од кривично дело.
На првото судско рочиште на обвинителна клупа со нив седеше и Зоран Милески-Кичеец, но тој призна вина за помагање во делото примање награда за противзаконито влијание и доби затворска казна од три години.
Денешното судско рочиште ќе биде шесто по ред, а досега покрај воведните зборови можеа да се слушнат сведочењата на: брачната двојка Орце и Ана Камчеви, осомничени бизнисмени во „Поштенска банка“, поранешен новинар во 1ТВ, куќната помошничка на Боки 13…
Што се случуваше на претходните пет рочишта прочитајте во сумираните извештаи на „360 степени“:
Судење за „Рекет“ – чин втори (ВИДЕО)
Судење за „Рекет“: „Обвинителот Боки“ и „госпоѓата Јанева“ низ сведочењето на Камчева
Судење за „Рекет“ – „Поштенска банка“ влезе во записниците
Судење за „Рекет“ – „Прокуристот“ Боки 13 во улога на уредник и домаќин на политичари