Обвинителите добиле и прелиминарен записник од Институтот за констатираната состојба. Претходно денеска од ИЈЗ соопштија дека готов е и стручниот извештај кој покажал дека и покрај прекинот на струја, сите реагенси во фрижидерите се функционални

Јавни обвинители од Основното јавно обвинителство, како и од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција направиле увид, но и разговор со повеќе лица во Институтот за јавно здравје, откако завчера таму беа исклучени фрижидер и комора во кои се чуваат реагенси.
„Причините за прекинот во напојувањето ќе продолжат да се испитуваат со вешти лица“,
соопштуваат од Основното јавно обвинителство.
Обвинителите добиле и прелиминарен записник од Институтот за констатираната состојба. Претходно денеска од ИЈЗ соопштија дека готов е и стручниот извештај кој покажал дека и покрај прекинот на струја, сите реагенси во фрижидерите се функционални.
„На ден 02.08.2024, прочитани се добиените резултати и согласно истите се установи дека молекуларните тестови за детекција на голема кашлица, како и подлогите за култивација на бактерии, антибиотиците за изготвување на антибиограми и сите реагенси кои се наоѓаа во исклучените фрижидери, се функционални и може да се продолжи со нормално функционирање на одделението за бактериологија,“
соопштија од ИЈЗ.
Настанот се случил во средата, во одделението за бактериологија, кога непосредно по истекот на работното време вработени ја известиле директорката дека исклучени од струја се фрижидер и една комора со реагенси.
В.д. директорката Марија Андоновска вчера на прес-конференција кажа дека се сомнева на саботажа, како и дека констатирале оти фрижидерите се исклучени директно од бушони.
„Едно само ќе ви споменам, таму беа и реагенсите за голема кашлица, во моментов имаме епидемија на голема кашлица и замислете, доколку не реагиравме брзо, ќе немавме ниту еден реагенс денеска“,
кажа Андоновска.
За случајот итен предмет по допрен глас вчера отвори Јавното обвинителство поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа.