За злоупотреба на службената положба и овластување, Основното јавно обвинителство-Велес поднесе обвинение против поранешниот градоначалник на Општина Чашка.
Според Обвинителство, на обвинетиот му се става на товар дека во својство на градоначалник на Општината ја искористил својата службена положба и овластување и предизвикал значителна имота штета на Општината во висина од 1,3 милион денари.
„Обвинетиот на 17 декември 2015 година во име на Општината склучил договор со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, за исплата и за користење средства во висина од над 14 милиони денари од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој 2015, наменети за реконструкција на делницата од локалниот пат село Мокрени – место викано Теовски Уши. Вкупниот потребен износ средства за реконструкција на патот биле нешто повеќе од 17 милиони денари со вклучен ДДВ, кој паѓал на товар на Општината. На 10 декември истата година обвинетиот во име на Општината, по спроведена постапка, склучил Договор за јавна набавка на работи со ГД ‘Изгрев инженеринг’ ДООЕЛ Велес и извршил уплата на авансни средства во висина од 2,8 милиони денари кои претходно Агенцијата ѝ ги исплатила на Општината“,
се наведува во соопштението.
Откако изведувачот ги завршил градежните работи и доставил завршна ситуација на градбата, обвинетиот како градоначалник на Општината бил должен да изврши уплата на целиот долг. Но, иако согласно одредбите од договорот со Агенцијата било забрането Општината како корисник на средства од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој да врши нивна пренамена, обвинетиот од доделените наменски средства за реконструкција на патот уплатил 5,7 милиони денари на изведувачот, а останатите средства во висина од 5,3 милиони денари ги искористил за подмирување на други тековни обврски на Општината.
Поради ненаплатениот износ за извршените работи во висина од 8,4 милиони денари со вклучен ДДВ, изведувачот повел постапка за присилна наплата на побарувањето. Во текот на извршната постапка, покрај основниот долг, биле наплатени и трошоци за извршување, за адвокатски услуги и за камата за задоцнето плаќање, за кои заклучно со 25 април 2018 година од сметката на Општината биле повлечени средства во износ од вкупно 1 357 826 денари, за кои Општината е оштетена.