Дваесет и осумгодишен скопјанец се товари за кривично дело уцена и против него е поднесен обвинителен предлог. Како што информира Основното јавно обвинителство Скопје, тој во периодот од 21 до 31 јануари годинава, преку мобилната апликација „Вибер“, побарал од една оштетена да му даде 1 500 евра за да не објави нејзини фотографии и видеоклипови со компромитирачка содржина.
На 31 јануари, по претходен договор, се сретнале со оштетената во кафе-бар на плоштадот „Македонија“, каде што таа му предала парични средства во износ од 30 750 денари, односно 500 евра во денарска противвредност. Веднаш по преземањето на парите, обвинетиот бил приведен.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за обвинетото лице бидејќи постојат околности кои упатуваат дека тој би можел да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон.