Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против актерката Силвија Стојановска и Воислав Будисавјевиќ во случајот со шверц на кокаин од Колумбија.
Двајцата се обвинети за делото неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, а за актерката се бара продолжување на куќниот притвор, додека за Будисавјевиќ на мерката притвор која ја издржува во затвор.
Истрагата против нив беше отворена во меѓународна операција со кодно име „Колибри“, а тројца уапсени имаше и во Шпанија, каде што сега се обвинети. Еден од нив е брат на Будисавјевиќ.
Обвинителството тврди дека со истрагата утврдиле дека во втората половина на 2019 година обвинетите учествувале во купување, пренесување и препродавање на кокаин во количина од речиси 700 килограми.
„Обвинетите подготвувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на наркотична дрога – кокаин од Колумбија до Мадрид, Кралство Шпанија, и барале купувачи на истата. За да не бидат откриени во нивните постојани активности, обвинетите меѓусебно комуницирале со користење на енкрочат телефонски мобилни уреди, како и енкрочат мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање на евентуална полициска инсталација и на дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки – инхибитор (PROTECT 1207i)“,
тврдат од Обвинителството.
Оттаму велат дека кривичното дело што им се става на товар има особена тежина и дека групата има добро развиени врски со криминални структури надвор од земјава, па затоа бараат продолжување на мерката притвор и куќен притвор.