Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против маж кој се товари за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
„На 15 јануари, во куќа во сопственост на таткото на 48-годишниот обвинет во Сингелиќ, биле пронајдени 14 килограми и 131 грам марихуана спакувани во 39 пакувања, како и 4 литри масло од хашиш. Освен ова, полициските службеници при претресот пронашле и еден пиштол марка ‘црвена застава’ со калибар 9 мм, две рамки и вкупно 57 куршуми од истиот калибар“,
информира ОЈО Скопје.
Надлежниот јавен обвинител достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице бидејќи постои реална опасност тој да се даде во бегство и можност да го повтори делото.