ОБСЕ-ОДИХР претстојните предвремени избори на 12 април во земјава ќе ги следи со 250 краткорочни набљудувачи, но и со претставници на парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа, како и свои долгорочни.
„Нашите набљудувачи ќе ја следат секоја од фазите на изборите пред, во тек и кусо по завршувањето на изборите. Ќе ја набљудуваат кампањата, ќе го оценат законодавството, спроведувањето на изборите со сите чинители, политичките партии и нивните претставници, граѓанскиот сектор, но и судството кое е важно за процесот на поплаки околу изборите“,
рече на денешната прес-конференција Тана де Зулуета, шеф на набљудувачката мисија за избори на ОДИХР.
Ќе се врши и мониторинг на медиумите како активност која редовно се спроведува и ги опфаќа телевизиите, печатените и онлајн медиумите. Ќе се оценува и отстапеното време и квантитативните и квалитативните параметри.
Одговарајќи на прашање во врска со неодамна донесените измени на Изборниот законик, Де Зулуета посочи дека е прерано да ги коментира, но потенцира дека само дел од нив се однесуваат на изминатите препораки на ОБСЕ-ОДИХР во врска со изборниот процес.
Во врска со евентуалното влијание на лажните вести врз изборниот процес, Де Зулуета истакна дека тоа е проблем со кој се соочуваат сите земји и проблем нотиран во сите избори кои ги набљудувала. Тенка е линијата меѓу пропагандата и намерната манипулација на информациите, рече таа. Свеста на граѓаните и нивните одлуки, додаде Де Зулуета, зависат од квалитетот на информациите што ги добиваат.
Мисијата во земјава веќе набљудувала 18 избори, овие ќе бидат 19. Ќе објави периодичен извештај за својата работа пред гласањето, а ден по изборите ќе објави прелиминарни наоди и заклучоци. Подоцна по завршување на изборите се очекува и конечен извештај во кој ќе бидат содржани препораки, кои, како што рече, се надева дека ќе бидат земени предвид од властите во земјава со цел подобрување на сите натамошни изборни процеси.