Апелира до граѓаните активно да ги пријавуваат сите неправилности што ќе ги забележат. Како што посочи, граѓаните можат да ги фотографираат службените возила доколку се сомневаат во нивна злоупотреба и доказите да ги испратат на телефонскиот број или електронската адреса објавени од СОЗР
Воведувањето на обоените регистарски таблички за службените возила даде конкретни резултати и ги намали злоупотребите на државниот имот за околу 70 отсто, вели директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во гостувањето на МРТ 1, додавајќи дека сè уште постојат поединечни случаи на прекршувања, најчесто кај пониските ешалони во администрацијата.

Апелира до граѓаните активно да ги пријавуваат сите неправилности што ќе ги забележат. Како што посочи, граѓаните можат да ги фотографираат службените возила доколку се сомневаат во нивна злоупотреба и доказите да ги испратат на телефонскиот број или електронската адреса објавени од СОЗР.
На тој начин, додаде, јавноста може директно да придонесе во спречување на ненаменското користење на државните ресурси и заштита на државниот имот.
„Можам да кажам дека едно 70 отсто е искоренета онаа злоупотреба. Сигурен сум дека ја има, повторно, некаде некои од пониските ешалони, меѓутоа се надевам дека граѓаните се доволно свесни, разумни, можат да сликаат, можат да пријават на телефонскиот број и на мејл-адресата каде што ги имаме објавено од службата и ние да ги споделиме со вас медиумите. Ако не разбрале како треба да се однесуваат со државниот имот и сопственоста на народот, тогаш да им покажеме на дело“,
вели тој.
Најави дека СОЗР започнува пилот-проект за набавка на три електрични возила, кои ќе ги користат курирските служби за достава на документација меѓу државните институции во Скопје.
Според него, во тек е истражување на пазарот, а целта е преку пилот-проектот да се утврди дали електричните возила се практично и одржливо решение со постојната инфраструктура за полнење во земјава.
Осврнувајќи се на управувањето со државниот имот, Томовски рече дека при преземањето на функцијата се затекнати сериозни нерегулирани состојби, при што дел од државните објекти, вклучително и репрезентативни вили, немале имотни листови. Посочи дека по законските измени целиот државен имот со кој управува СОЗР е евидентиран и останува сопственост на државата, што овозможило да започнат постапки за негова обнова.
„Направивме измена на законот, по што целиот државен имот го ставивме на располагање на Службата, но тој е сопственост на Република Македонија. Нашата цел беше да почнеме со реновирање на објектите, кои подолг период не биле обновувани и имаат сериозни проблеми. За да се спроведе постапка за реновирање, најпрво мора да има имотен лист. Денес можам да кажам дека целиот имот со кој располага Службата за општи и заеднички работи има имотен лист и е во служба на државата“,
кажа директорот на СОЗР.
Инаку, возилата на институциите до средината на септември минатата година требаше да бидат обележани со таблички во боја, со цел полесно да се препознаваат и да се регистрираат евентуални злоупотреби.
