Некогашниот струмички градоначалник дојде на чело на својата партија како опозиционер, а заминува како премиер, откако на неодамнешните локални избори не успеа да ја повтори предноста што ја оствари наспроти Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во изборните циклуси во 2019 и во 2020 година
СДСМ утре ќе го избере петтиот партиски лидер од 1992 година досега, на вторите непосредни внатрепартиски избори, на кои учествуваат тројца кандидати за наследник на Зоран Заев, кој реши да демисионира по поразот на неодамнешните локални избори.
Заев не е првиот лидер на СДСМ кој поднел оставка на функцијата. Пред него, тоа го направи Бранко Црвенковски, кога во 2004 година, среде мандат, се повлече и од лидерската и од премиерската функција, за да се кандидира за претседател на државата. Четири години подоцна од лидерското место се повлече и Радмила Шекеринска, по поразот на тогаш опозициските социјалдемократи на првите предвремени парламентарни избори во 2008 година. Сепак, Заев е првиот на чело на СДСМ, а и воопшто на политичката сцена во државата кој поднел оставка поради пораз на локални избори.
Оставката ја најави ноќта на 31 октомври, како чин на политичка одговорност, а откако стана јасно дека СДСМ го „заокружи“ поразот на локалните избори, губејќи го и главниот град и повеќето скопски општини.
Неговите партнери (пред се ДУИ), како и повеќемина странски дипломати, му забележаа дека „ги измешал лончињата“, со тоа што реши да замине и од челното место во централната (извршна) власт поради пораз на општински избори. И тоа во период кога во земјава повторно се подгреваше надеж за почеток на преговорите со ЕУ – „проектот“ поради кој досегашниот премиер беше принуден на многу отстапки, но и во кој вложуваше можеби најмногу енергија, по постигнувањето на Преспанскиот договор и официјализирањето на членството во НАТО, а откако се отвори спорот со Бугарија.
Политичките преговори што ги водеше со Алтернатива за обезбедување на мнозинството во парламентот и за формирање нова влада, веројатно, се последни за Заев како лидер на СДСМ. А, во измитиве години ги имаше многу – и со политичките партнери и ривали дома и со соседните земји и со меѓународната заедница, почнувајќи од дијалогот во Пржино, па разговорите за постигнување на договорите со Бугарија и со Грција, потоа за уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор, се до разговорите со властите во Софија поради блокадата што ја подигнаа за почетокот на преговорите со ЕУ…
Заев првпат беше избран за лидер на СДСМ во 2013 година, на конгрес на кој имаше двајца противкандидати, а откако во периодот 2008–2009 година беше в.д. претседател на партијата, чекајќи Црвенковски да се врати на функцијата, откако ќе му заврши претседателскиот мандат. Заев дојде на чело на СДСМ од позиција на градоначалник на Струмица – една од само неколку општини што беа под контрола на социјалдемократите, кои во 2013 година ја трошеа седмата година во опозиција, каде партијата остана се до 2017 година.
Во меѓувреме, во 2014 година, Заев, од позиција на лидер, го „преживеа“ првиот пораз на парламентарните избори во 2014 година, за веќе во почетокот на 2015 година да ја отвори аферата со масовното нелегално прислушување, по која почна да се наѕира крајот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2016 година СДСМ, под водство на Заев, освои само два пратенички мадата помалку од ВМРО-ДПМНЕ, што беше најдобар изборен резултат на социјалдемократите по една деценија опозиционерство. Откако ДУИ, по овие избори, реши да го прекрши принципот „победник со победни“ за формирање влада, првата Влада на Заев беше избрана летото 2017 година, по крвавите настани во парламентот на 27 април при изборот на Талат Џафери за прв парламентарец. Веднаш потоа стана извесен реизборот на Заев на чело на СДСМ, на конгресот истата година, кога тој беше единствен кандидат.
Есента 2017 година СДСМ освои блескава победа на локалните избори, освојувајќи го цело Скопје, додека ВМРО-ДПМНЕ падна на само пет општини во државата, од кои најголемата беше Кавадарци. Тој момент, како и отворањето на процесот за насилствата во Собранието на 27 април, означија крај на ерата на Никола Груевски и во ВМРО-ДПМНЕ. Во декември 2017 година Заев го доби за главен политички ривал Христијан Мицкоски, кого го порази на претседателските избори во 2019 година, како и на ланските парламентарни избори, ама во тие изборни циклуси СДСМ не успеа да го повтори успехот од локалните избори во 2017 година.
Во март годинава Заев повторно беше реизбран на чело на СДСМ, но овој пат на непосредни внатрепартиски избори на кои можеше да учествува целото членство. Седум месеци подоцна, на годинашниве локални избори, СДСМ не само што изгуби голем дел од општините во кои победи во 2017 година, вклучително со градот Скопје, туку не успеа да ја повтори ниту предноста од јули минатата година, од околу 12 илјади гласа и два пратенички мандата наспроти ВМРО-ДПМНЕ.
По вториот круг од октомвриските локални избори, Заев ја најави и својата оставка на челната позиции во Владата, која би ја ефектуирал по утрешниот избор на нов лидер на СДСМ. Сепак, со оглед на уставните рокови за формирање нова Влада, тој веројатно ќе ги дочека како премиер состаноците на ЕУ следната седмица, околу кои се уште лебди неизвесност дали С Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите или процесот ќе се помести за јануари.