Според информациите, владее „раздвиженост“ и одредено незадоволство меѓу помалите коалициски партнери, кои во парламентот бројат 13 пратеници наспроти 30 на СДСМ
Консултативна средба со досегашните партнери закажал вечерва во Владата премиерот во заминување Зоран Заев, за да ги информира другите партии во коалицијата за договорот за влегување на Алтернатива во Владата.
Откако Заев и Африм Гаши го објавија вчера договорот според кој Алтернатива добива три министерски места во новата влада, чиј мандатар ќе се знае по внатрепартиските избори во СДСМ, на 12 декември, според информации на „360 степени“, владее „раздвиженост“ и одредено незадоволство меѓу помалите коалициски партнери, кои во парламентот бројат 13 пратеници наспроти 30 на СДСМ. Дел од оние што ги консултиравме сметаат дека Алтернатива добила премногу за ресурсите со кои располага во парламентот.
Има резерва и кон дел од програмските цели на новата коалиција, посебно за наводно најавената „ревизија“ на одредени судски случаи.
Претседателот на Демократскиот сојуз и пратеник, Павле Трајанов, вели дека неговата партија нема да даде бланко поддршка за договорот со алтернатива, туку дека тој прво ќе биде анализиран од партиските тела.
Прво да го видиме со свои очи договорот што е постигнат. Но од она што го слушнавме во јавноста, не сме подготвени да дадеме бланко поддршка за договорот. Пред да се изјасниме дали договорот е прифатлив, ќе го анализираме во Демократскиот сојуз, затоа што сметаме дека се проблематични и дел од постигнатите програмски цели, како што е најавената ревизија на судски предмети што се веќе затворени“,
изјави Трајанов за „360 степени“.
Тој вели дека треба да се анализира и дали проектираниот систем на новата влада може да го наруши етничкиот баланс, затоа што меѓу министрите може да има повеќе етнички албанци отколку Македонци.
„Тоа може да предизвика незадоволство меѓу македонската етничка заедница во земјава. Треба да се разговара и за најавите за нов мандатар. Има многу аспекти за кои треба да се дискутира отворено, така што од наша страна нема бланко поддршка за постигнатиот договор“,
ни изјави Трајанов.
Вчера и лидерот на ЛДП, Горан Милевски, кој е министер за локална самоуправа, рече дека очекува информација лично од Заев за тоа во каква влада треба да влезат другите партии од коалицијата на СДСМ.
Бујар Османи од ДУИ, пак, денеска изјави дека неговата партија била информирана за целиот тек на преговорите на Заев со Гаши.
Коалицијата со која СДСМ настапи на парламентарните избори минатата година освои 46 пратенички мандати наспроти 44 мандати на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, тројца од досегашното мнозинство, односно од Беса, неодамна преминаа во опозиција, откако останаа со еден пратеник помалку поради изборот на партискиот лидер Билал Касами за градоначалник на Тетово. Беса, која влезе во парламентот со четири мандати, коалицирајќи со СДСМ на изборите, имаше едно министерско место во Владата на Заев.