Приврзаниците на Навални го обвинуваат рускиот претседател Владимир Путин за неговото убиство бидејќи не можел ни да помисли тој да биде ослободен во евентуална размена на затвореници
Погребот на Алексеј Навални ќе се одржи в петок во Москва, изјави неговата портпаролка Кира Јармуш по барањето на локацијата каде што неговите почитувачи ќе можат да се простат од 47-годишниот дисидент, кој почина во сибирска казнена колонија на 16 февруари.
Кира Јармјуш на платформата Икс објави дека погребната служба ќе се одржи во црквата на Богородица во областа Марџино во Москва и ги покани луѓето да се соберат таму.
Навални потоа ќе биде погребан на Борисовските гробишта.
Приврзаниците на Навални го обвинуваат рускиот претседател Владимир Путин за неговото убиство бидејќи не можел ни да помисли тој да биде ослободен во евентуална размена на затвореници.
Кремљ негираше вмешаност на државата во неговата смрт и, исто така, тврди дека не знаел за каков било договор за ослободување на Навални.
Во неговата смртна потврда пишува дека починал од природна смрт.
Пред четири дена, 12 дена по неговата смрт, телото на Алексеј Навални конечно ѝ беше предадено на неговата мајка Људмила.
Еден ден претходно таа за медиумите изјави дека руските власти ѝ дале ултиматум во рок од неколку часа да го закопа нејзиниот син тајно во кругот на семејството, во спротивно ќе го закопаат во колонијата каде што починал.
Кремљ нејзините изјави ги нарече „апсурдни“.
Во вторникот портпаролката на починатиот опозициски лидер рече дека неговиот тим има потешкотии да најде погребно претпријатие, а исто така рече дека некои одбиле да ја одржат церемонијата кога дознале за кого станува збор.