Порталот на албански јазик „Лајм ТВ“ пред половина час објави фотографија од средба на поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, со пратеникот од ДУИ, Артан Груби, кој е номиниран за вицепремиер и министер за политички систем. Нема дополнителни податоци од кога е фотографијата и која е целта на средбата. Пишува само дека Мијалков и Груби се сретнале во хотелот „Мериот“ во Скопје.
„360 степени“ се обиде да стапи во контакт со Груби, но тој не одговори на нашите повици и СМС-пораки. До моментот на објавување на текстот, не добивме потврда дали фотографијата е денешна и кој бил поводот за средба.
Мијалков, пак, денеска се јави на социјалните мрежи со статус посветен на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на кој му порача да си поднесе оставка. Неговиот коментар уследи откако претходно денеска членови на ВМРО-ДПМНЕ побараа вонреден партиски конгрес и оставка од Мицкоски и актуелното раководство. По поразот на последните парламентарни избори, тие сметаат дека е време за промени. За тоа е согласен и Мијалков.
„Стотици илјади членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ не заслужуваат да ги води некој што лаже. На СДСМ му одговара прв човек на опозиција кој е навикнат на порази и одбива да се соочи со реалноста и одговорноста. Време е за промени. Време е за ново, сериозно раководство кое ќе ја добие поддршката од членството. Време е за луѓе кои ќе знаат да заземат став и да го бранат со аргументи“,
напиша Мијалков.