Крајниот рок за аплицирање е до 17 јуни 2026 година, најдоцна до 15 часот

Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова објави јавен повик за пријавување на кандидати за волонтирање во Народната канцеларија на шефот на државата. Повикот е распишан во согласност со програмата за волонтирање за 2026 година и предвидува ангажирање на вкупно 10 волонтери.
Заинтересираните кандидати треба да достават кратка биографија и мотивациско писмо. Документите може да се поднесат директно во архивата на Кабинетот на претседателката или да се испратат по пошта на адреса: Кабинет на претседателот на Република Северна Македонија, улица „Ацо Караманов“ бр. 33а, 1000 Скопје, со назнака „за јавен повик за волонтери“.
Рокот за доставување на пријавите изнесува пет работни дена од денот на објавувањето на огласот на официјалната веб-страница на претседателката, а крајниот рок за аплицирање е до 17 јуни 2026 година, најдоцна до 15 часот. Од Кабинетот посочуваат дека ненавремените и некомплетни пријави нема да бидат земени предвид при разгледувањето.
Изборот на кандидатите, додаваат оттаму, ќе го спроведе посебна комисија во рамките на Кабинетот, по што селектираните волонтери ќе бидат контактирани.
Волонтерски ангажман ќе се регулира со договор за волонтирање во времетраење од најмногу шест месеци. Од Кабинетот на претседателот напоменуваат дека по завршувањето на овој период, институцијата нема обврска за вработување на ангажираните лица. Волонтерите ќе имаат право на надоместок за трошоци за храна и превоз, во висина до 15 проценти од просечната месечна плата во државата исплатена за претходната година.
Канцеларијата на претседателката лоцирана на улицата „Димитрие Чуповски“ бр. 7, во центареот на главниот град беше отворена на 14 мај.
Според претседателката, новата канцеларија е замислена како отворено место за сите генерации – од млади до пензионери. Таа истакна дека локацијата е избрана стратегиски за да биде „на патот“ на граѓаните.
