Вкупно 136 донирале плазма, со која досега се третирани околу 170 пациенти со ковид-19
Обезбедени се вкупно 187 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со ковид-19. Преку стандардно дарување се обезбедени 98 единици, 89 единици конвалесцентна плазма се обезбедени преку аферезна процедура од вкупно 38 донор, информира Институтот за трансфузиона медицина.
Вкупно 136 донирале плазма, со која досега се третирани околу 170 пациенти со ковид-19.
„Со ваквиот највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на оние кои во моментов се борат со коронавирусот. Да им помогнеме на лицата кои во моментов се борат со коронавирусот – да донираме ковалесцентна крвна плазма“,
апелира Институтот за трансфузиона медицина до сите оздравени пациенти од ковид-19,
Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со ковид-19. Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од ковид-19, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.
„Институтот за трансфузиона медицина е достапен во секое време и сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители може да се јават за детални информации и закажување, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени со ковид-19“,
се додава во соопштението.