Доаѓањето на премиерот Курти беше исто толку почит и чест за Албанците од Северна Македонија, колку почит и за државата Северна Македонија, вели Биљал Касами

фото: фејсбук-профил на Биљал Касами
Владата не успеа да го скрие или контролира стравот од пораз на следните избори, особено кога се појави фронтот на обединетата опозиција со поддршка од косовскиот премиер Албин Курти, напиша на Фејсбук тетовскиот градоначалник Биљал Касами.
„Ја разбираме загриженоста на претседателот и Владата, изненадувачки со поддршка и реакции од Белград, и знаеме дека оваа политичка реторика нема врска со посетата на Албин Курти, туку има врска со загриженоста што албанската опозиција во РСМ се обединува и сега ѝ брои денови на оваа Влада на криминал и корупција. Доаѓањето на премиерот Курти беше исто толку почит и чест за Албанците од Северна Македонија, колку почит и за државата Северна Македонија, со која е потпишан меморандумот за заедничкиот проект – патот Тетово-Призрен“,
напиша Касами.
Претходно, Касами на Фејсбук објави видео-спот со инсерти од посетата на Курти, а како музичка подлога е искористена песната „Добредојдовте во Албанија“.
Во петокот косовскиот премиер Албин Курти беше во неофицијална посета на земјава. Во Општина Чаир присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееја многу знамиња на Република Албанија, како и знаме со картата на т.н. голема Албанија. Во Тетово, Курти го пречекаа градоначалникот и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши и претседателот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити.
Денеска претседателот Пендаровски побара организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Ги повика надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки.
Вчера кабинетот на премиерот Ковачевски информира дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот откако во петокот вечерта на плоштадот во Тетово, по повод посетата на косовскиот премиер Албин Курти, градоначалникот Билал Касами организираше голема манифестација на која се вееја знаме со карта на „голема Албанија“ и голем број албански знамиња.
Кабинетот на премиерот Ковачевски посочи и дека не се согласува со преименувањето на улицата во Општина Чаир која го носи името на херојската „Втора македонска бригада“ иако, како што соопштија, локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето одлуки кои ја засегаат општината.