Обединувањето на Албанците во културолошка и духовна, а не во територијална димензија, е сржта и фундаментот на самата ЕУ, велат од Алтернатива

фото: фејсбук-профил на Биљал Касами
Стравот на ДУИ од пораз нарачува хистерија! Ова е ставот на партијата Алтернатива на Африм Гаши на реакциите за посетата на косовскиот премиер Албин Курти во Чаир и Тетово. Од партијата, посетата на Курти ја опишуваат како обединувањето на Албанците во културолошка и духовна, а не во територијална димензија.
„Наративот ‘голема Албанија’ е одраз на стравот на ДУИ од изборен пораз, кој неминовно следи. Обединувањето на Албанците во културолошка и духовна, а не во територијална димензија, е сржта и фундаментот на самата ЕУ. Никој да нема дилема дека обединетата албанска опозиција е директен чинител за остварување полноправното членство во ЕУ. За разлика од некои други, ние никогаш нема да ги злоупотребуваме ЕУ и НАТО за коруптивни зделки и лична корист“,
стои во реакцијата на Алтернатива.
Во петокот косовскиот премиер Албин Курти беше во неофицијална посета на земјава. Во Општина Чаир присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееја многу знамиња на Република Албанија, како и знаме со картата на т.н. голема Албанија. Во Тетово, Курти го пречекаа градоначалникот и лидер на Движењето БЕСА, Биљал Касами, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши и претседателот на новоформираната партија Демократско движење, Изет Меџити.
Денеска претседателот Пендаровски побара организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Ги повика надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки.
Вчера кабинетот на премиерот Ковачевски информира дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот откако во петокот вечерта на плоштадот во Тетово, по повод посетата на косовскиот премиер Албин Курти, градоначалникот Билал Касами организираше голема манифестација на која се вееја знаме со карта на „голема Албанија“ и голем број албански знамиња.
Кабинетот на премиерот Ковачевски посочи и дека не се согласува со преименувањето на улицата во Општина Чаир која го носи името на херојската „Втора македонска бригада“ иако, како што соопштија, локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето одлуки кои ја засегаат општината.