Денеска и од Демократската партија на Турците (ДПТМ) порачаа дека остануваат дел од владејачката коалиција, а шпекулациите околу стабилноста на владиното мнозинство го оценија како манипулација на јавното мислење
Партијата НСДП, предводена од Тито Петковски, останува дел од владејачката коалиција и по локалните избори, соопштија од партиската прес-служба.
„Резултатите од првиот круг на локалните избори, поддршката од граѓаните што ја добивме како коалиција, создава дополнителна обврска да продолжиме напред, да ја почитуваме нивната изразена волја, да ја развиваме локалната демократија и ги штитиме државните интереси. НСДП е цврста и единствена во одлуката за останување во владејачкото мнозинство и продолжување по политичкиот пат кој води кон прогрес на државата, за активно партиципирање во креирањето и спроведувањето на национални и локални политики кои се во функција на интересот на сите граѓани“,
велат од НСДП.
Во пресрет на локалните избори, партијата реши да настапи во рамки на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, а за вториот круг, кој треба да се одржи на 31 октомври, од НСДП ги повикуваат граѓаните да гласаат за коалицијата бидејќи тоа, според нив, е најдобрата понуда како за општините така и за државата и стратегиските определби за евроинтеграцијата.
Денеска и од Демократската партија на Турците (ДПТМ) порачаа дека остануваат дел од владејачката коалиција, а шпекулациите околу стабилноста на владиното мнозинство го оценија како манипулација на јавното мислење.
„Како сериозна партија со 30-годишно искуство, ДПТМ за политичкото дејствување одлуките ги носи на партиските органи по сопствено убедување на нашето членство а во интерес на граѓаните кои ги застапува. Затоа ни еден субјект во оваа држава нема право и нема да дозволиме да шпекулира во и со наше име“,
соопштија од велат од партијата која на изборите во дел од општините учествуваше самостојно, а во останатиот дел во рамки на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.
Вчера и портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, оцени дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека нема потреба од вонредни парламентарни избори.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека прво да заврши и вториот круг од локалните избори, а потоа ќе се занимаваат со прашањето за формирање ново парламентарно мнозинство.