Одлучувачкиот (седми) глас го има доскорешниот потпретседател на парламентот Фадил Зендели – од редовите на Беса, која, пак, премина во опозиција. Тоа е и една од причините поради поради кои Собранието сè уште не може да утврди предлози за нови уставни судии
Со нова блокада во работењето, според информации на „360 степени“, се соочува собраниската Комисија за избори и именувања, преку која поминуваат сите кадровски решенија чиј избор е во надлежност на законодавниот дом.
Тоа е една од причините поради кои Собранието сè уште не може да утврди предлози за нови уставни судии, иако Уставниот суд овој месец остана и без четврти член и сега работи со само пет судии.
Комисијата за избори и именувања не само што нема претседател, туку и мнозинството во неа засега го има собраниската опозиција. Поточно, ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците имаат шест члена во оваа Комисија исто колку и СДСМ и ДУИ, но клучниот (седми) глас го има доскорешниот потпретседател на парламентот Фадил Зендели – од редовите на Беса, која, пак, премина во опозиција.
До блокадата на ова собраниско тело дојде по локалните избори, чии резултати се одразија и на централната власт, така што во меѓувреме Беса излезе од Владата, а Алтернатива стана дел од новото парламентарно мнозинство.
Комисијата за избори и именувања остана без претседател по изборот на Костадин Костадинов за градоначалник на Струмица. Неговото пратеничко место во парламентот беше пополнето набрзо по локалните избори, ама претседателското место во Комисијата што ја водеше сè уште е празно.
Според информациите, на последната редовна координација на собраниското раководство се разгледуваа можност во наредните денови да се одржи седница на ова парламентарно тело и со неа да претседава заменик-претседателот Јован Митревски, координаторот на СДСМ. На комисиската седница, како што се најавува, треба да се утврдат предлози за избор на нови членови (од редот на пратениците) во собраниските делегации во Парламентарното собрание на Советот на Европа и во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација. Поради тоа што, всушност, станува збор за интерно прашање, не се очекуваат опструкции од опозицијата.
Но, според информациите од Собранието, прашање е дали во оваа констелација на односи во Комисијата за избори и именувања ќе можат да се утврдат и предлози, на пример, за нови уставни судии или да се заврши процедурата за избор на нови членови на советите на МРТ и на АВМУ – како процес кој се одолговлекува веќе со години.
Според наши информации, една од можностите што се разгледува за деблокада на работата на Комисијата е да се смени еден од членовите, така што на местото на еден од пратениците од актуелната опозиција би дошол пратеник од мнозинството, согласно со новиот распоред на сили во законодавниот дом. Но прашање е дали тоа може да се изведе без договор меѓу партиите во парламентот, со оглед на тоа што евентуалниот предлог за именување нов член на оваа Комисијата би требал да биде утврден во истата Комисија, каде што сега опозицијата има мнозинство.
Комисијата за избори и именувања, преку која, всушност, се креира кадровската политика во законодавната власт веќе петта година се соочува со проблеми во функционирањето, поради што многу прашања стоеја или се уште стојат отворени. Во минатиот собраниски состав, причина за нефункционалноста беше тоа што мнозинството (СДСМ и ДУИ) ѝ го препуштија раководењето со ова тело на опозицијата, односно за претседател на Комисијата беше избран тогашниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.