Погледнете го новото дебатно издание на емисијата „360 степени“ емитувано на 11 ноември 2022 г. на ТВ Алсат, во кое гостува министерот за правда Никола Тупанчевски
Во фокусот во разговорот со министерот за правда Никола Тупанчевски е изборот на Ислам Абази за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и лавината реакции потоа. Со министерот дебатираме колку држи тезата дека треба да му се даде шанса на Абази во услови кога корупцијата е еден од главните проблеми во државата, а тој има очигледни релации со партијата на власт ДУИ. Штом Абази го избраа обвинителите, колку тоа зборува за квалитетот на човечкиот материјал во оваа институција и дали тоа може да биде причина за одново да се разгледа опцијата за генерален реизбор на обвинителите и судиите. Дали логичната реакција во нормално општество би била континуиран притисок за Абази да се повлече. Со Тупанчевски разговараме и за пораката на заменик-амбасадорот на САД, Ерик Мејер, дека „земјата мора да најде начин да ги разбие заднинските политички мрежи што овозможуваат цветање на корупцијата“. Во интервјуто ги отвораме и прашањата за состојбата во затворите, најголемата судница во државава изградена со странска помош во Идризово чие отворање се пролонгира подолг период, најавената амнестија за прекршителите на ковид-19 правилата што не ја платиле казната, законот за здруженија и фондации… На крај е новата ,,Саботажа”.