Oд денеска се става во функција кол центарот 0800 002 03 во Здравствениот дом Скопје за информирање и пријавување, а од понеделник за сите информации пациентите ќе се јавуваат и кај матичните лекари каде врз основа на алгоритамот ќе се упатуваат на тестирање
Бројот на дијагностицирани со коронавирус очекувано е во пораст, со појавени изолирани случаи настрана од веќе постоечките кластери, од кои сите досегашни случаи се во корелација, соопшти министерот за здравство Венко Филиче на денешната прес конференција.
Тој ги потврди веќе објавените податоци за нови 9 регистрирани заразени со коронавирус до денеска до 12 часот, кои според местото на живеење се од 6 градови – Скопје, Дебар, Штип, Кавадарци, Гостивар и Охрид.
Заради точност на бројката на новозаболени, Mинистерството ќе информира еднаш дневно и бројката ќе се однесува за изминатите 24 часа. Податоците ќе се темелат врз основа на тестовите во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, чија база е веќе дигитализирана и каде ќе пристигнуваат и податоците од тестирањата во лабораторијата на клиниката „Жан Митрев“ и секаде каде ќе се дијагностицираат.
Министерството за здравство од денеска го става во функција кол центарот 0800 002 03 во Здравствениот дом Скопје за информирање и пријавување, а од понеделник за сите информации пациентите ќе се јавуваат и кај матичните лекари преку „Мој термин“ каде врз основа на алгоритамот ќе се упатуваат на тестирање.
Исто така од понеделник ќе почнат да функционираат и два пункта за земање брисеви за тестирање за коронавирус во „Јане Сандански“ и во „Чаир“ каде веќе има стручен кадар.
Филипче најави дека на попладневната владина седница ќе се разгледуваат построги мерки за изолација и самоизолација, откако како што рече сите досегашни мерки, препораки, апели и молби не дале резултати и се уште има случаи на поголеми групирања.