Додека се множат барањата за оставка на Мицкоски поради изборниот резултат, ЦК на партијата вчера ги донесе статутарните измени што беа најавени четири дена по партискиот конгрес во Валандово во 2017 година
Со новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ се овозможува примена на начелото на непосредна демократија, односно партијата е должна да им овозможи на сите оние што се релевантна група истомисленици да си го искажат своето мислење и воедно, врз основа на таквиот нивен став, партијата да донесе партиски став кој во иднина ќе се применува од страна на сите членови на партијата, со цел подобрување на целокупниот општествен живот во земјата.
Ова е една од повпечатливите измени на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, кој синоќа, по завршувањето на седницата на ЦК на партијата, ги образложи Панче Тошковски, претседател на Статутарната комисија на партијата, која уште во декември 2017 година, како што беше тогаш соопштено, почна постапка за промени во партискиот статут.
Две и пол години подоцна, ЦК на ВМРО-ДПМНЕ ја донесе одлуката за статутарни измени, нецела седмица по парламентарните избори на кои опозициската партија освои два мандати и околу 12 илјади гласови помалку од коалицијата на СДСМ, што поттикна лавина барања за оставка на партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Мицкоски ја презеде лидерската палка во ВМРО-ДПМНЕ од Никола Груевски на конгресот во Валандово, кој се одржа на 22 и 23 декември 2017 година. Четири дена потоа, на 27 декември, од ВМРО-ДПМНЕ со соопштение информираа дека почнува постапка за измена на Статутот.
„Ги повикуваме сите тела на партијата, како и членови што сакаат да учествуваат во процесот на демократизација на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ со свои предлози да се обратат до Статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ“,
беше наведено во тогашното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Наспроти заложбата во новиот Статут во кој се вели „партијата е должна да им овозможи на сите оние кои се релевантна група на истомисленици да си го искажат своето мислење“, ВМРО-ДПМНЕ, по смената на кормилото на конгресот во Валандово, помина низ повеќе раслојувања.
Тоа резултираше со исклучувања и со разрешувања од партиски функции, особено во периодот на референдумот за името и донесувањето на уставните измени. Голема група функционери на ВМРО-ДПМНЕ тогаш беа исклучени од партијата или разрешени од функција затоа што имаа поинакви ставови од раководството во однос на Преспанскиот договор.
Дел од оние кои во тоа време беа дистанцирани од ВМРО-ДПМНЕ деновиве бараат оставка од Мицкоски, поради изгубените избори, наспроти охрабрувањата што тој ги добива од партиските тела, кои го овластија да преговара за формирање на идната влада и ги донесоа долгонајавуваните статутарни измени.
Што друго предвидува новиот статут на ВМРО-ДПМНЕ
Освен што се укинува позицијата почесен претседател и се ограничува правото на избор на функции во ВМРО-ДПМНЕ на два до три мандати, новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ, практично, дозволува и „поинакво мислење“, а предвидени се и други новини, како на пример, непосредни избори за функции на локално ниво:
- Со член 2 од новиот Статут се утврдува дека ВМРО-ДПМНЕ е народна, државотворна, демократска партија со конзервативна идеологија, која ги застапува и штити македонските национални интереси, негува европски демохристијански традиции и промовира универзални хуманистички вредности.
- Целите и задачите на ВМРО-ДПМНЕ дефинирани со овој статут, ја продолжуваат заложбата за независна, суверена, самостојна, граѓанска, демократска држава која почитувајќи ги сите вака поставени цели и задачи ќе овозможи подобар живот на македонскиот народ и заедниците во рамки на една унитарна држава која што се стреми да стане членка на Европската Унија.
- Се потенцира на рамномерната застапеност на жените и мажите во рамки на органите и телата на партијата, како и на застапеноста на младите во внатрепартиските структури.
- Се воведува нова партиска функција претседавач на Централниот Комитет, кој ќе биде „прв меѓу еднаквите“ на ниво на ЦК.
- Чекор напред во непосредно демократско одлучување за избор на кандидати за советници во локалната самоуправа е тоа што нив директно ќе ги избира собрание на општинските комитети, односно членовите во рамки на секоја општина. На овој начин ќе се избираат и новите кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. а ќе се предлагаат и новите претседатели на општинските комитети.
