Наследникот на Жбогар денеска му ги предаде акредитивните писма на шефот на државата, со порака дека пристапните преговори ќе бидат онолку исцрпувачки колку што ќе биде големо и задоволството
Новиот амбасадор на Европската Унија во земјава, Дејвид Гер, од денеска ја почнува својата мисија во земјава, неполни три месеци пред очекуваниот старт на преговорите на ЕУ со земјава, со одржувањето на првата меѓувладина конференција, која е најавена за декември.
Гер, кој досега беше на чело на Секторот за политика за санкции во ЕЕАС, доаѓа на местото на досегашниот евроамбасадор во земјава, Самуел Жбогар.
Евроамбасадорот Гер денеска му ги предаде акредитивните писма на шефот на државата Стево Пендаровски и порача дека, иако средбата се случува во невообичаени услови, алудирајќи на пандемијата предизвикана од ковид-19, тој ќе ги претставува вредностите на ЕУ и посака успех во европскиот пат на земјава.
„Пристапните преговори ќе бидат онолку исцрпувачки колку што ќе биде големо и задоволството. Владеењето на правото ќе биде клучно. Тоа е почетна точка, но и последен чекор во преговорите. Процесот, исто така, значи поддршка на демократијата и дијалогот, заштита на човековите права и животната средина и создавање на одржлива економија во служба на граѓаните. ЕУ-реформите и подобрувањето на животот и перспективите на луѓето не се конкурентни приоритети, туку напори кои меѓусебно се зајакнуваат. Тие вклучуваат процес на позитивна реформа во интерес на слободите, напредокот и безбедноста на обичните Македонци“,
рече Гер.

Претседателот Пендаровски рече дека евроамбасадорот доаѓа во исклучително значаен момент за земјава бидејќи, по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, државата заврте нов лист во својот развој и го надополнува загубеното време во исполнување на своите клучни цели.
„Одблиску и со внимание ги следиме дискусиите околу преговарачката рамка помеѓу земјите членки во работните тела на Советот на ЕУ и убедени сме дека земјите членки само преку дијалог и заемно почитување на принципите и темелните вредности на Европската Унија ќе може да ги надминат преостанатите билатерални разлики и предизвици. Во таа смисла, како земја кандидат за членство, одлучни сме да продолжиме со спроведување на заемните обврски од Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија со отворен ум и со добра волја и во периодот што следи“,
рече Пендаровски во неговото обраќање.
И шефот на државата и евроамбасадорот се сложија дека функционална правна држава и ефикасен судски систем треба да бидат приоритет на земјава кон чекорите за влез во Европската Унија. Пендаровски потенцираше дека земјата е подготвена да го изоди тој пат и во иднина да придонесува за единството и проектирањето на Европската Унија како глобална сила во светот.