Во кампањата што ја водеа пред членството, како една од главните теми што се наметна поради кризата и инфлацијата беше прашањето како ќе им се помогне на домаќинствата и на бизнисите
Гласањето во Конзервативната партија во Велика Британија за нов лидер, а со тоа и нов премиер е затворено. Дали доскорешниот министер за финансии Риши Сунак или актуелната шефицата на дипломатијата Лиз Трас ќе го наследи Борис Џонсон, ќе биде познато во понеделник во 12:30 часот. Анкетите, како што пренесоа Би-би-си и Ројтерс, ѝ даваат предност на Трас.
Победникот формално ќе биде назначен за нов премиер од страна на кралицата Елизабета во вторникот, по што тој ќе почне да назначува нови министри во својот кабинет.
Џонсон, кој ги предводеше конзервативците до убедлива победа на изборите во 2019 година, ќе остане на функцијата премиер додека не заврши трансферот на власта.
Изборот за негов наследник следува откако на 7 јули годинава тој објави дека се повлекува од функциите во владата и партијата, со оглед дека повеќе од 50 владини членови поднесоа оставки, незадоволни од неговото одбивање да се повлече по неколку скандали.
За наследник на Џонсон се пријавија осум кандидати, но по пет рунди на гласање помеѓу пратениците од Конзервативната партија, во трката останаа само Сунак и Трас. За победник од нив двајцата, пак, гласаа 180 000 партиски членови.
Во кампањата што ја водеа пред членството, како една од главните теми што се наметна поради кризата и инфлацијата беше прашањето како ќе им се помогне на домаќинствата и на бизнисите. Трас најавуваше дека ќе испорача итен буџет од милијарди фунти за даночни намалување. Сунак, пак, вети дека ќе го намали ДДВ-то на сметките за енергија за период од една година, додека трајни даночни намалувања најави за периодот откако ќе се намали инфлацијата.