Шаленберг, исто така, нагласи дека сака да продолжи по патот на неговиот претходник, Себастијан Курц, кој беше принуден да поднесе оставка, по корупцискиот скандал
Новиот австриски канцелар Александар Шаленберг за време на денешната посета на Брисел, што е негова прва меѓународна посета во оваа функција, презентирајќи ги своите политички приоритети пред претставниците на Европската унија, рече дека еден од клучните напори ќе биде приближувањето на Западен Балкан до Унијата.
Шаленберг, кој работел во Брисел и завршил постдипломски студии на Колеџот за Европа во Бриж, го нарече патувањето во Белгија „враќање дома“ и нагласи дека тоа е „свесен сигнал“ дека Австрија сака тесно да соработува со ЕУ за решавање на предизвици пред нас, пишува порталот Еурактив.
Тој, исто така, нагласи дека сака да продолжи по патот на неговиот претходник, Себастијан Курц, кој беше принуден да поднесе оставка, по корупцискиот скандал.
Шаленберг рече дека една од неговите главни грижи ќе биде да го приближи Западен Балкан до ЕУ и да го олесни влезот на регионот во Унијата.
„Најважната цел на Австрија е да нема повеќе поделби во Европа“,
рече новиот австриски канцелар, додавајќи дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е „прашање на емоции“.
Шаленберг, исто така, рече дека тој исто така не сака да им остави впечаток на источните членки на ЕУ дека се земји од втор ред.
Сепак, тој остро ги осуди најновите случувања во Полска, чиј Уставен суд го доведе во прашање приматот на ЕУ над националниот. Шаленберг ја нарече минатонеделната одлука на полскиот Уставен суд „крајно опасна“.
„Мислам дека пристапот кон Полска е целосно исправен. Сепак, работите зависат од тоа како комуницираме едни со други “,
нагласи Шаленберг.
Шаленберг во Брисел рече дека ќе ја следи конзервативната фискална политика на неговиот претходник и цврстата позиција на Австрија за миграцијата.
Новиот австриски канцелар разговараше во Брисел и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Според агенцијата АФП, Фон дер Лајен исто така оценила дека фактот што Шаленберг го избрал Брисел за прва посета, претставува „силен сигнал“.
„Со нетрпение очекувам добра соработка. Имаме многу заеднички работи “,
рече Фон дер Лајен, посочувајќи на европската климатска политика, дигитализација и надминување на последиците од пандемијата.
„Можете да бидете сигурни дека Австрија ќе се обиде да биде конструктивна, но се разбира, доколку е потребно, гласен партнер во Европската унија“,
ѝ одговори Шаленберг.