Уредникот во Канал 5, Гоце Михајлоски, кој е позитивен на коронавирус, при посетата на семејството во прилеп имал контакт со член кој имал позитивен наод на болеста, соопшти денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Бухова на прес-конференцијата.
Таа рече Михајлоски е сместен во болницата „8 Септември“, а дека од епидемиолошките анкети кои се во тек со сите оние со кои имал контакти, вклучувајќи ги и вработените во телевизијата каде што одел на работа, ќе зависат следните мерки што ќе бидат преземени во однос на евентуални решенија за самоизолација.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес-конференција објави дека еден новинар е позитивен на коронавирус и дека поради контактите што ги имал со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Мицкоски, во следните денови ќе бидат во самоизолација.
Од телевизијата Канал 5 објавија дека заразениот новинар, за кој утрово информираше министерот Филипче, е нивниот новинар и уредник Михајлоски.
Тој е и водител на емисијата „Само интервју“, во која во четвртокот и во петокот гости му беа Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Од телевизијата уште соопштија дека Михајлоски двапати се тестирал за коронавирус, при што првиот тест направен во приватна клиника му бил негативен, а првите симптоми се појавиле во неделата, 5 април, па поради малаксаност, замор и главоболка околу 17 часот го напуштил работното место.