Новинарот во поранешна 1ТВ, Христијан Баневски, денеска пред судот сведочи дека добивал нарачки од Бојан Јовановски-Боки 13 да најавува истражувачки стории во централниот информативен блок на 1ТВ, кои ниту биле започнати ниту некогаш се реализирале.
„Уште првиот месец ми рече да најавувам дека ќе вршиме испитување на амбалажираните води во земјава. Ми беше побарано повеќепати да кажам дека ќе испратиме мостри на испитување. Мостри никогаш не испративме, а додека го најавував истражувањето пред мене стоеше шише со вода од Пелистерка“,
сведочи Баневски и вели дека новинарска пракса е истражувања да се најавуваат откако ќе бидат подготвени за емитување.
Втор случај кога Баневски се посомневал дека се работи за рекетирање бил кога Боки 13 побарал од него да направи сторија за фирма од Велес која работи во месната индустрија.
„Боки 13 ми го даде бројот на сопственикот и не се интересираше за развојот на приказната, туку само дали сопственикот бил уплашен. Првата реакција на сопственикот беше дека ние сме рекетари“,
сведочи Баневски.
Новинарот присуствувал и на состанок меѓу Боки 13 и бизнисменот Томе Главчев, на кој се договарале серија „успешни приказни“ за фирма на Главчев.
„Од Бојан ми беше соопштено дека почнуваме нов серијал со успешни приказни. Јас не сакав да го правам тоа, не ми беше по ќеиф, гледав да го одложам колку што е можно повеќе. Не знаев што се случува. Искрено, мислев дека ќе треба да го переме Главчев за евентуални криминали. Сè до моментот додека не дознав дека тој си имал лични проблеми со госпоѓа Јанева“,
рече Баневски.
Овие три случаи биле единствените примери кога Баневски се посомневал во рекетирање. Вели дека кога го прашал Боки 13, дали рекетира луѓе, тој му одговорил дека телевизијата мора од нешто да живее.
И покрај сомневањата, Баневски кажа дека останал во телевизијата од егзистенцијални причини.
Сведочењето е во тек. Неговиот исказ го слушаат обвинетите во „Рекет“, Бојан Јовановски и Катица Јанева.
*поврзана вест: Новинар од 1ТВ: Кога ги пуштија од притвор осомничените од Империја, Боки ни рече ништо не смееме да пишуваме за тој случај