Новинарката Славица Филиповска од емисијата „360 Степени“ што се емитува на ТВ Алсат го освои првото место на конкурсот за наградата „Никола Младенов“, која Македонскиот институт за медиуми ја доделува за најдобра истражувачка сторија.
Признанието е за серијалот стории во кои беа откриени непознати детали за опасната хемикалија линдан, која во минатото ја произведувал хемискиот гигант „Охис“ во Скопје.
Истражувањето на Филиповска откри дека дел од познатото излетничко место Пеленица над Драчево е, всушност, заборавена депонија полна со отровната материја и дека медицински истражувања откриле зголемени нивоа на линдан во крвта на мали девојчиња. „Иако власта најави дека ќе го огради просторот кај Пеленица, за кој има индиции дека крие депониран линдан, и по неколку месеци, вака изгледа просторот, проверивме утринава. Воопшто не е ниту ограден ниту има некаков сигнал за да знаат граѓаните дека тука е депонирана токсична супстанца која навистина не труе сите.“ – изјави новинарката Славица Филиповска при врачувањето на наградата.
Второто место го освои новинарката Евис Халили Мемедалија за серијалот стории за злоупотреби во националната програма за културата објавени во дневниот весник „Коха“.
Третата награда ја освои новинарката Весна Коловска за серија истражувања за долговите на општините, објавени на Македонскиот медиа сервис.
Наградата се доделува 18-ти пат, а годинава за неа конкурираа 30 автори со 45 стории.
Напишете коментар